На новата листа на должници што ја објави Управата за јавни приходи се наоѓаат 5.156 физички и правни лица, а нивниот вкупен долг изнесува 13.076.222.055 денари (околу 212,6 милиони евра).
Од нив, 2.007 се правни лица, што е за 66 повеќе во однос на претходната листа, додека 3.149 се физички лица, односно 32 повеќе од претходното објавување.
Листата ги опфаќа долговите доспеани заклучно со 31 март 2026 година, а неплатени до 30 јуни 2026 година, по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.
На листата се објавени обврзници со долг поголем од 120.000 денари за физички лица и самостојни вршители на дејност, односно над 300.000 денари за правни лица.
Од вкупниот долг, 12.862.649.581 денар се однесуваат на даноци и придонеси, а 213.572.474 денари на царински давачки.
Листата на должници е достапна на веб-страницата на Управата за јавни приходи.