Европската комисија предлага до 2040 година електричната енергија да сочинува 46 проценти од потрошувачката во ЕУ, со помала зависност од нафта и гас.

Европската комисија претстави акциски план со кој до 2040 година речиси половина од вкупната потрошувачка на енергија во Европската Унија треба да доаѓа од електрична енергија.

Според планот, уделот на електричната енергија во вкупната потрошувачка треба да достигне 46 проценти, што е двојно повеќе од сегашното ниво од околу 23 проценти.

Иако во првичниот нацрт се споменуваше можност оваа цел да биде обврзувачка, во конечната верзија таа сè уште не е поставена како задолжителна. Сепак, Брисел не исклучува можност таа да стане дел од идните енергетски стратегии на ЕУ.

Целта е помала зависност од нафта и гас

Акцискиот план го презентираше европскиот комесар за енергетика Дан Јергенсен, кој порача дека Европа мора да го забрза преминот кон електрична енергија од чисти домашни извори.

Целта е да се намали зависноста на ЕУ од увоз на нафта и гас, но и да се намалат трошоците за енергија за домаќинствата и индустријата.

Европската комисија проценува дека доколку се достигне целта за електрификација, побарувачката за нафта би се намалила за 40 проценти, а побарувачката за гас за 70 проценти.

„Ерата на фосилните горива завршува. Сега предлагаме удвојување на стапката на електрификација во Европа. Ни требаше време од каменото доба до денес за да достигнеме 23 проценти, а сега сакаме да ја удвоиме за 14 години“, изјави Јергенсен.

Европа сака струја од чисти домашни извори

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оцени дека најдобар начин Европа да ја намали зависноста од фосилна енергија е економијата да се напојува со електрична енергија од чисти домашни извори.

„Денес предлагаме Европа да стане првиот континент на електрична енергија во светот“, порача Фон дер Лајен.

Според Комисијата, повеќе од 70 проценти од електричната енергија произведена во ЕУ веќе доаѓа од чисти извори, пред сè од обновливи извори и нуклеарна енергија.

Но, проблемот е што вкупната стапка на електрификација во последната деценија речиси стагнира и останува околу 23 проценти.

Увозот на фосилни горива ја чини Европа милијарди

Повеќе од половина од потрошувачката на енергија во ЕУ сè уште се базира на увоз на фосилни горива.

Според Европската комисија, од почетокот на војната во Иран, ЕУ потрошила дополнителни 50 милијарди евра за увоз на нафта и гас.

Брисел проценува дека постигнувањето на целта за електрификација би можело до 2040 година да ги намали европските трошоци за увоз на фосилни горива за 260 милијарди евра годишно.

Електрични возила, топлински пумпи и пониски сметки

Комисијата наведува дека електрификацијата може да донесе директни заштеди за граѓаните.

Според проценките на Брисел, користењето електрично возило на батерии може да биде до 78 проценти поевтино од автомобил на фосилни горива.

Преминот од гасни котли на топлински пумпи би можел да ги намали просечните трошоци за греење на домаќинствата во ЕУ до 60 проценти, додека истовремено би помогнал и во прилагодувањето кон климатските промени.