Водечките британски банки ги реализираа првите трансакции со клиенти во кои токенизирани депозити биле префрлени меѓу различни финансиски институции преку заедничка дигитална инфраструктура. Станува збор за значаен чекор во примената на блокчејн и програмски платежни технологии во секојдневното банкарство.

Трансакциите се спроведени во рамки на иницијативата „Great British Tokenised Deposit“, координирана од UK Finance, во која учествуваат Barclays, HSBC UK, Lloyds Banking Group, Monzo, Nationwide, NatWest и Santander. Платформата е развиена од технолошката компанија Quant.

Во првата фаза биле реализирани две трансакции поврзани со рефинансирање станбени кредити. Средствата биле привремено „заклучени“ на сметките на клиентите и автоматски ослободени по исполнување на условите за завршување на трансакцијата, со што се намалуваат рачните проверки и можните доцнења при порамнувањето.

Технологијата овозможува средствата да останат на сметката на клиентот сè до моментот на реализација на трансакцијата, што значи дека клиентот може да продолжи да добива камата додека парите чекаат пренос.

Во рамки на проектот бил тестиран и модел за плаќање при купопродажба преку онлајн платформи. Парите на купувачот се задржуваат на неговата сметка и се префрлаат на продавачот дури откако ќе биде потврдено дека производот е предаден, што може да го намали ризикот од измама.

Токенизираните депозити не се криптовалута, туку дигитална форма на класичните банкарски депозити. Тие ги задржуваат правната и регулаторната заштита на традиционалните депозити, но овозможуваат плаќањата да бидат програмирани и автоматски да се извршат кога ќе се исполнат однапред утврдени услови.

Според UK Finance, пошироката примена на ваквиот модел би можела да донесе побрзи и поефикасни плаќања, поголема контрола на клиентите врз средствата и намален ризик од измами. Сепак, станува збор за пилот-проект, а услугата засега не е достапна за сите корисници.

Во следната фаза се планира тестирање на порамнување дигитални средства, при што банките ќе испробаат и издавање дигитални должнички инструменти што ќе се тргуваат и порамнуваат со користење токенизирани депозити.