Директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, потпретседателката на Светска банка, Ана Бјерде, генералниот менаџер на Банката за меѓународни порамнувања, Агустин Карстенс, како и голем број на гувернери на централни банки од Европа, го честитаа јубилејот 30 години од осамостојување на Народната банка.

На Фејсбук профилот и јубилејната веб-страна на Народната банка – 30godini.nbrm.mk, објавени се пораките од повеќе звучни имиња во меѓународните финансии, кои оддаваат признание за досегашната соработка со Народната банка.

„Честитки до Народната банка на Република Северна Македонија за овој важен јубилеј ‒ вашата 30-годишнина, како и на тоа дека останавте сидро на стабилноста на Северна Македонија“, напиша првата жена на ММФ, Георгиева.

„Честитки за 30-годишнината од монетарната независност и стабилниот економски раст откако ја издадовте вашата валута, денарот! Со задоволство очекувам да ја продолжиме нашата тесна соработка“, напиша претседателката на ЕЦБ, Лагард.

Гувернерот на Централната банка на Германија, Јоаким Нигел пак, посочува дека јубилејот 30 години е значајна бројка којашто сведочи за знаењето, упорноста и напорите потребни за постигнување успех во период на големи предизвици за централните банкари. Тој додава дека за стабилна валута во која се има доверба се потребни силни институции, а Народната банка е одличен пример за институција којашто успешно ги јакне своите капацитети.

На долгата листа кои и оддаваат признание на Народната банка се и гувернерот на Централната банка на Франција, Франсоа Вилерој де Гало, претседателот на централната банка на Холандија, Клас Нот, гувернерот на централната банка на Италија, Виско, како и на Словенија, Хрватска, Унгарија, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.