Синдикатот за образование, наука и култура нема да учествува на работничкиот протест на 1 мај, кој го организира ССМ. Претседателот на овој синдикат, Јаким Неделков, изјави дека протестот е организиран од друг синдикат и дека тие го избрале патот на социјален дијалог.

„Протестот го организира друга федерација, конкретно Сојузот, така што ние не се вклучуваме. Ние го браниме патот на социјалниот дијалог, има преговори, резултатите ги постигнуваме на маса. Тие го бранат патот да излегуваат на улица, тоа е нивна стратегија и нека продолжат така.“, порача Јаким Неделков.

Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески изјави дека целта на министерството е да го деблокира процесот на усвојување на Законот за работни односи. Тој додаде дека овој закон не е донесен веќе 8 години и дека се потребни модерни методи на работа.

„Нашата цел како Министерство за економија и труд е да го деблокираме процесот на донесување на Законот за работни односи, кој за жал не е донесен веќе 8 години, што не донесе квалитетни решенија во делот на заштитата на правата на работниците, но и во однос на усогласените односи помеѓу работниците и работодавачите.“, вели Марјан Ристески.

Професорот по трудово право Лазар Јовевски смета дека оваа година ќе се донесе Законот за работни односи и дека ќе донесе успех за сите страни.

„Силно верувам дека оваа година и таа приказна ќе заврши успешно, односно ќе имаме Закон за работни односи кој ќе биде модерен, ќе ги задоволува интересите на сите страни – работниците, работодавачите и државата, и кој во следните 5 до 10 години ќе може да се прилагоди на потребите на пазарот на труд.“, вели Лазар Јовевски.

Инаку, денес Независниот синдикат за образование, наука и култура, во пресрет на 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, организираше дебата на тема „Политики за труд и колективни договори – правна рамка, примена и предизвици“.