Сметаме дека со децентрализација и со регионализација, со формирање на регионални клинички здравствени центри, пациентите ќе добијат подобра здравствена заштита. Ова го истакна денеска доктор Никола Брзанов, основач на Клубот на млади лекари, на промоцијата на извештајот за лекувањето на граѓаните во приватните и јавните здравствени установи.

Наташа Петковска, правна советничка во Хелсиншки комитет за човекови права, рече дека откако ИРЛ го објави документарниот филм „Нечиста крв“, голем број луѓе почнале да пријавуваат повреди на нивните права од здравствена заштита.

Весна Дишлиоска, правник во Македонското здружение на млади правници, рече дека откако ИРЛ го објавила документарецот, примиле пријави од страна на пациенти што имаат одредени проблеми. Од вкупно 157 пријави, 93 биле предмет на разгледување, а 64 пријави биле повлечени. Пациентите се жалеле на повреда на човекови права и права од областа на здравствена заштита, непримена на соодветни средства и начини на лекување, како и непримена на соодветни хигиенски мерки при болничко лекување.

Во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права, појасни Дишлиоска, поднеле четири претставки до надлежни институции, биле поднесени претставки до лекарската комора, Министерството за здравство, народниот правобранител и комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Доставени биле и четири пријави за постоење на основано сомневање за сторени кривични дела до основното јавно обвинителство. Тековно, нагласи Дишлиоска, се уште се разгледува документација, за да се види дали постои причинско последична врска помеѓу дејствието што е преземено од медицинскиот персонал и последицата што е настаната на страната на пациентите, и во јавно и во приватно здравство.

Доктор Брзанов, рече дека после документарецот, добиле повик од граѓанските здруженија, па сметале дека мултидисциплинарниот пристап е многу соодветен за темелно разгледување. Меѓу пријавите од пациентите, појасни, имало и такви за лекување од пред ковид пандемијата. Се осврна и на недостигот од здравствени работници, поради преголема миграција во последните седум – осум години.

– Друг проблем којшто повторно го воочивме е централизацијата на здравствениот систем, осумдесет проценти од пациентите ја бараат својата здравствена заштита во главниот град Скопје. Сметаме дека со децентрализација и со регионализација, со формирање на регионални клинички здравствени центри, мислиме дека пациентите ќе добијат подобра здравствена заштита. Затоа што пренатрупаноста на здравствениот систем во Клиничкиот центар Скопје, доведува до одложени дијагностички процедури и лекувањето како крајна цел, нагласи Брзанов, истакнувајќи го значењето на системски решенија за подобра здравствена услуга.

На новинарско прашање околу најновиот случај со смртта на малата Јана и дали ќе го устражуваат, тој нагласи, дека пред се како лекар, од етичка, морална и професионална должност му е, да е заинтересиран за случајот. Во клубот разговарале и за сите позитивни моменти во здравството, но и за случаи како тој со девојчето. Но, рече дека немаат овластувања за да коментираат случај, што веќе е под истрага на обвинителството и на државните органи.