Цената на кафето на светските пазари вртоклаво расте. Официјалните податоци велат дека цената  на сировото кафе на берзите од почетокот на годината се зголеми за 70 отсто. Во однос на истиот период лани цената  е зголемена за 50 отсто.

Дел од трговците на кафе во земјава брифираат дека ова на глобално ниво се случува поради ограничените залихи на кафе, зголемената побарувачка како и прекумерните суши во Бразил, држава која е втора во светот по производството на кафе но и зголемениот извоз за 50 отсто од Виетнам каде најмногу во светот се произведува овој пијалак. Очекувањата се дека овој тренд на поскапување ке се почувствува и во земјава, за колку засега не се знае. Дел од граѓаните кои ги анкетиравме велат дека поскапувањето на производите веќе им станало секојдневие.

„Најмногу по две кафиња пијам, едно наутро едно попладне, од нашето македонското. Се влиае на потрошувачката, како што сме со малку пари, со мали пензии се влиае. Секој денар е драгоцен. “

„Мојата сопруга конзумира, 50 денари, а ако се зголеми цената 30 отсто тоа е многу.“

„Јас да ви кажам по две кафиња во денот консумирам, најмогу го користам еспресото. Така да сега ако се поскапи како за сите така и за мене. “

Според информациите машинското кафе, или она кое е потребноза кафе баровите каде се подготвува еспресо, макијатото или капучино само во последниве меколку месеци еден килограм кој чинел 1200 денари сега истот се продава по цена од 1600 денари. Поразговаравме и со младите кои се најредовни во угостителските објекти.

„На кафе одам два пати неделно, пијам нескафе кое чини 120 денари и сметам дека тоа не е скапо за млад човеќ.“

„Цената на кафето е од 100 до 120 денари, повеќе од 200 денари тоа е веќе скапо кафе.“

Светските медиуми пренесуваат дека на глобално ниво цените на кафето оваа година ќе достигнат рекордно ниво, а во текот на следната година се очекува стабилизирање на цената.

Во земјава најмногу се троши или најмногу граѓаните го купуваат она традиционално македонско домашно кафе кое што е во пакување од 200 грама. Пред пандемијата доколку цената на тоа кафе од 200 грама беше 68 денари денеска тоа не може да се најде или евентуално на некоја промоција би било под 100 денари.

Инаку, многу поголеми турбуленции на пазарот се случуваат со какаото. Ако лани еден тон чинеше 1600 долари, денеска тон какао чини 12 илјади долари. Поради ваквите цени чоколадите и сите останати кондиторски производи во последниов период драстично поскапеа.