Цените на нафтата денеска пораснаа на меѓународните пазари на над 76 долари, откако американскиот Конгрес го суспендираше лимитот на националниот долг, а централната банка сигнализираше дека може да направи пауза во зголемувањето на каматните стапки.

На лондонскиот пазар барелот се тргуваше по пладне за 1,88 долари повисоко од вчерашната цена на затворање од 76,16 долари. На американскиот пазар неговата цена е зголемена речиси за исто толку, на 71,95 долари.

На крајот на неделата трговците се фокусираа на усвојувањето на законот во американскиот Конгрес, со кој се суспендираше лимитот на националниот долг од 31,4 билиони долари и се овозможи уредно сервисирање на финансиските обврски.

Цените беа поттикнати и од сигналите на американската централна банка дека може да направат пауза од зголемувањето на каматните стапки, што изврши притисок врз доларот и ја зајакна куповната моќ на купувачите со други валути.

Аргумент во прилог на прекин на циклусот на затегнување на монетарната политика може да биде и нешто побавниот раст на платите во мај, за 0,3 отсто во споредба со април кога тие пораснаа за 0,4 отсто, се вели во месечниот извештај на американското Министерство за труд.

Во исто време, податоците покажаа дека вработувањето малку се забрза, со нето отворени 339.000 нови работни места, во споредба со 294.000 отворени во април, според ревидираните бројки. Вниманието на инвеститорите сега е свртено кон состанокот на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, каде ќе се преиспита производната политика.

Во април, ОПЕК + неочекувано одлучи да го намали производството за дополнителни 1,16 милиони барели дневно за да ги поддржи цените, но потегот оттогаш беше надминат од други фактори и цените повторно паднаа под претходното намалување на нивото.

Анонимни извори изјавија за Ројтерс дека групата најверојатно нема повторно да го намали производството на состанокот на 4 јуни. Одделно, ОПЕК објави дека барел од нафтената кошница на нејзините членки се намали за 28 центи на 72,79 долари во четвртокот.