На лондонскиот пазар цената на барелот вчера попладне беше пониска за 6,51 долари во однос на претходното затворање и изнесуваше 105,97 долари. Вчера трговијата ја затвори во минус 8,17 долари. На американскиот пазар вчера се тргуваше за 6,41 долари пониска цена за барел, по 99,55 долари. Вчера ја затвори трговијата во минус 7,94 долари.

Трговците завчера беа загрижени поради строгите мерки за борба против ковид-19 во Шангај, што ја погоди побарувачката за гориво во Кина, најголемиот увозник во светот.

На Шангај отпаѓаат околу четири отсто од потрошувачката на нафта во Кина, објаснуваат аналитичарите на АНЗ рисрч.

Ограничувањата ја намалија потрошувачката на транспортни горива во Кина до тој степен што некои независни рафинерии се обидуваат да ја препродадат нафтата што би требало да им биде испорачана во следните два месеци, велат трговците и аналитичарите.

Санкциите наметнати на Русија поради нејзината инвазија на Украина го нарушија снабдувањето со нафта, што предизвика силно зголемување на цените, потсетува Ројтерс.

Во такви околности, аналитичарите внимателно ќе го следат овонеделниот состанок на Организацијата на производители на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, кои во мај треба да ја разгледаат производствената политика.

Министрите за енергетика на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, клучни членки на ОПЕК +, рекоа дека групата од производители не треба да се занимава со политика, отфрлајќи го притисокот да се преземе акција против Русија поради нејзината инвазија на Украина.