Никој од властите не дава конкретно објаснување зошто цените на храната во Македонија се уште се многу високи иако на светските берзи има континуирано намалување на цените на суровините и основните прехранбени производи.

Од Стопанската комора посочија дека ова не се случува само во земјава туку и во цела Европа и Централна Азија, кои беа особено погодени од нарушувањето што го предизвика војната во Украина. Од Стопанската комора велат дека цените на глобално ниво за одредени прехранбени производи, како на пример житарките и маслото за јадење, паднаа минатата година од рекордните нивоа во 2022 година, при што руската војна против Украина, сушата и другите фактори придонесоа за ширење на гладот ​​низ светот. Наспроти нив, цените на шеќерот и на оризот во тоа време се зголемија. Во земјава пак, синдикалците продолжуваат со активностите за зголемување на стандардот на македонскиот работник. А надлежните уверуваат дека владините мерки се клучни за намалување на инфлацијата.

Од Стопанската комора велат дека, колку што се објективни причините, сѐ повеќе се размислува за вештачко одржување на инфлацијата на храна за да се осигури профитот на индустриите на нереално високо ниво, од што најпогодени се ранливите категории на домаќинства со ниски приходи. Информациите од терен велат дека наспроти првите месеци од почетокот на војната во Украина, ситуацијата сега е нешто подобра, а цените на прехранбените производи во 2023 година бележат постојано намалување, иако уште се далеку над нивото пред пандемијата.

„Подобрување има и во делот на снабдувањето со храна како резултат на рекордно високото производство на пченица, пченка, маслодајни семиња и на ориз во земјите кои станаа доминантни на производствената мапа, како што се Аргентина, Бразил, Канада, Кина, ЕУ, САД и Индија. Последните случувања што го погодија регионот на Европа и на Централна Азија во претходните години нанесоа сериозни штети и негативни последици врз производството, дистрибуцијата и врз достапноста на храна. Овие состојби предизвикаа нестабилност во земјоделското производство и зголемување на цените на трошоците, суровините, енергијата и на храната, што резултираше со зголемување на трошоците за живот. ЕУ и Европската комисија за земјоделство апелираат да се прекине со инструментализирањето на храната во воени цели и да се осигура непречен извоз на жито и на други земјоделски производи од Украина во земјите на кои им се најпотребни“, анализираат од Стопанската комора.

Според анализата на ова бизнис здружение, Русија и Украина играат значајна улога во глобалното производство и во снабдувањето со храна. Според официјалните податоци, овие две земји се главни снабдувачи на сончогледово масло со учество од над 50 % на светскиот пазар. Војната во Украина предизвика и раст на цените на енергијата и на храната, што остави големи последици, кои се анализираат континуирано.

„Климатските ефекти како што се сушите, поплавите и природниот феномен елнињо, кој носи дожд и поплави, во комбинација со последиците од воените конфликти како што се војната во Украина, ембаргото за храна и слабеењето на вредноста на парите особено им наштетија на земјите во развој“, стои во анализата на Стопанската комора.

Општата констатација на ова бизнис здружение е дека инфлацијата е со надолен тренд, но цените на храната сѐ уште се високи. Земјите кои до неодамна беа целосно зависни од увоз на храна од Русија и од Украина неопходно е да бараат алтернативни снабдувачи и истовремено да размислуваат за реорганизирање на сопственото производство. Од Стопанската комора и порачаа на владата да ги намали царинските тарифи за увоз или да го ограничат извозот на одредени производи, што би можело да помогне за решавање на предизвиците за обезбедување храна за краток и среден рок. Производителите на храна на неколку пати побараа од владата да ги ограничи и цените на суровините за да може и тие да добијат сигурност во производството.

Од друга страна, власта е уверена дека економските мерки и политики за намалување на инфлацијата даваат резултати. Оваа констатација ја образложуваат со потврдата од Светска банка која посочи дека владините мерки даваат резултат, и во иднина треба да се носат претпазливи мерки кои ќе водат до стабилизација на инфлацијата. Заложбата на властите е инфлацијата да продолжи да се намалува, а историски ниското ниво од околу 2% би се постигнало во 2025 година.

„На среден рок се предвидува намалување на стапката на сиромаштија, намалување на невработеноста и невработеноста на младите, пораст на платите и пораст на БДП по глава на жител. Продолжуваме со мерки и политики за намалување на инфлацијата и за поттикнување на економскиот раст“, велат од владата.

Од ССМ се на став дека куповната моќ на граѓаните се уште не е на задоволително ниво. Половина од вработените заработуваат помалку од просечната плата која е на ниво од речиси 39 илјади денари, а пак минималната синдикална кошничка веќе надмина 51 илјади денари.

„Во декември 2022 година на четиричлено семејство му биле неопходни 19.226,11 денари за исхрана и пијалаци, 13.093,22 денари за домување, 3.050,95 денари за одржување на хигиена, а 3.668,61 денари за превоз. За облека и обувки едно семејство во декември требало да издвои 2.255,15 денари, за култура 1.067,86, а за одржување на здравје 801,29 денари.
Вкупно на едно четиричлено му биле неопходни  43.163,17 денари за задоволување на минималната синдикална кошничка, а кога на тоа ќе се додадат трошоците на живот, односно инфлацијата од 18,7 проценти или 8.071,51 денари се доаѓа до бројката од 51.234,68 денари“, велат од ССМ.

Државната статистика веќе објави дека два месеци по ред има стагнација на растот на инфлацијата, мерката за гарантирани цени во маркетите е на сила до крајот на месецов, а граѓаните се со иста мака и натаму, каде да најдат поевтина храна за да го протуркаат месецот.