Нафтата е на пат да ја забележи својата деветта последователна недела на раст, што е најдолг период на неделен раст на цените од 2015 година, бидејќи испораките на производителите на ОПЕК + на пазарот се скромни, а залихите на сурова нафта во САД се намалуваат.

Фјучерсите на американската нафта WTI за испорака во декември пораснаа за 77 центи или 0,9 отсто на 83,27 долари за барел на Њујоршката берза и се на пат да остварат профит од 2,0 отсто во споредба со минатата недела, покажуваат податоците објавени во реално време од порталот oilprice.com.

Цената на декемвриските фјучерси на северноморската нафта Брент зајакна за 54 центи или половина процент, на 85,08 долари за барел на Европската интерконтинентална берза во Лондон. На неделно ниво е во пораст од 0,7 отсто.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави во четвртокот вечерта дека Американците треба да очекуваат високи цени на бензинот и следната година, бидејќи членките на Организацијата на земјите извознички на нафта и другите странски производители не го снабдуваат пазарот со доволни количини, пренесе Блумберг.

Залихите во најголемиот американски центар за складирање нафта паднаа на нивоата забележани последен пат кога цените на „црното злато“ беа 100 долари за барел.