Енормен раст на цените на становите, нереални интернет-огласи и застарена методологија за проценка на недвижностите. Најскапи квадратите во Скопје и Охрид. Од Комората на проценители најавуваат промени и нов систем за пореална проценка на вредноста на имотот.

Цените на становите вртоглаво растат, а експертите предупредуваат дека пазарот сè повеќе се оддалечува од реалноста. Најскапи квадрати се продаваат во Скопје и Охрид, каде на атрактивните локации цената веќе надминува 3.000 евра за метар квадратен.

Граѓаните често добиваат искривена слика за пазарот преку интернет-огласите, каде се пласираат нереално високи цени на недвижностите.

„Нашата основна цел е да информираме, затоа што имаше долг период кога граѓаните не можеа да се информираат колкава е реалната пазарна вредност на недвижностите, па затоа се пласираа такви ’пробни балони‘ и се создаваше впечаток дека цените пораснале за 100 или 200 проценти, што не е реално.“ вели Иван Живковски директор на Агенција за катастар.

Од Комората на проценители велат дека актуелната методологија за проценување на вредноста на недвижностите е застарена и не ги следи современите економски промени, поради што најавуваат нов пристап и усогласување со меѓународните стандарди.

„Во тек се разговори со Министерството за транспорт за идна промена на самата методологија. Се надевам дека брзо ќе успееме да ја добиеме таа можност, за да може да имаме квалитетна процена со реална пазарна вредност, што влијае и врз оданочувањето и врз транспарентноста пред граѓаните, со цел да имаат доверба во системот.“ вели Ѓорѓе Сприровски претседател на Комората на проценители.

Геополитичките случувања, воените конфликти, инфлацијата и растот на цените на градежните материјали директно влијаат врз цените на недвижностите, поради што е потребен пофлексибилен и помодерен систем за проценување – заклучија учесниците на Деветта меѓународна конференција на проценители што деновиве се одржува во Охрид.