Граѓаните се за идејата за замрзнување и на цените на зеленчукот и овошјето. Тие велат дека нема логика килограм кромид да се продава по цена од 95 денари, а ананасот да чини 89 денари! И поевтината варијанта – снопче праз почна да се нуди од 70 до 100 денари, а младиот кромид чини 50 денари за три парчиња. Последниве две недели речиси да не може да се најдат домати, краставици и пиперки под 200 денари, печурките отидоа до 250 денари за килограм, а најевтин е спанаќот кој се спушти и до 30 денари за килограм.

Земјоделско-пазарниот информативен систем на Министерството за земјоделство ги потврдува реакциите на купувачите. Фрапантни се податоците, кои покажуваат дека изминатава година речиси и да нема зеленчук кој не поскапел. Рекордер е карфиолот чија цена се зголемила за 188 проценти. Лани тој чинел 63,8 денари за килограм, а годинава во февруари стигнал до 184 денари. Кромидот поскапел за 41, доматите за 9, гравот за 38 и леќата за 34 проценти. На овој портал може да се види и дека цената на бананите за една година се зголемила за 38,5, а на лимонот за 31,5 отсто.

-Не е исклучена можноста за замрзнување на цените и на зеленчукот и овошјето, ако трговците и производителите не ги следат светските текови за намалување на цените – порача вицепремиерот Фатмир Битиќи. И министерот за економија информира дека се следат и цените на овошјето и зеленчукот, па ако трговците и производителите сами не ги намалат, можно е Владата да реагира со нова Одлука.

И додека се чека на зелените пазари да се појават првите раноградинарски производи од струмичкиот регион, тамошните земјоделци добија известување од ЕВН дека без дозвола од Министерството за екологија нема да може да им се продолжат договорите за користење на струја за испумпување на вода од бушотините. Причината е што земјиштето во реонот Банско се наоѓа на подрачје на веќе доделена концесија за експлоатација на минерална суровина-геотермална вода. И за користење на геотермалната вода земјоделците требало да се договорат со концесионерот.

Од Министерството за земјоделство ветиле дека проблемот ќе биде презентиран и на владина седница за да се најде решение.