Два дена по одмрзнување на цените на сите основни прехранбени продукти. Граѓаните незадоволни велат во маркетите веќе цените се нови. Реагираат на поскапувањето, укажувајќи дека за една ќеса продукти оставаат и по 3.000 денари. Но, со забелешки се и трговците, велат добавувачите ги покачуваат цените, па и ние сме принудени на оваа непопуларна мерка…

Неконтролиран раст на цените на основните прехранбени продукти. Дел од маркетите веќе со нови цени на рафтовите. Лебот и млечните производи како основни артикли, станаа луксуз. Поскапени се и месните производи, но и овошјето и зеленчукот. Мерката за загарантирани цени на основните прехранбени продукти престана да важи пред два дена. Се укина и одлуката за намалени увозни давачки за зеленчукот. Граѓаните незадоволни бараат итна реакција на надлежните. Очекуваат да се вратат старите цени, бидејќи велат се е прескапо. Велат, оставаме по 2.000 до 3.000 денари во супермаркетите, а заминуваме со една ќеса.

„Влегов, 1.000 денари дадов, а половина ќеса не изнесов, сирење излезе 400 денари, прескапо е, а пензија немам ништо, 20.000 денари, може ли“-прашува еден кумановец.

„Може да се купи ако имаш 10.000 денари да внесеш во маркет за да изнесеш две ќеси. Ништо повеќе. Прескапо е и нема од каде. Овие што земаат плати не можат да излезат на крај, што е со социјалецот кој зема по 6.000 денари?“-вели друг граѓанин.

„Со пензија од 12.000 денари што можеш да земеш, струја, вода, лекови, што можеме ние и 18.000 да е пензија, пак не можеш на крај да излезеш“-дополни повозрасен граѓанин.

„Испазаривме ама скапо е, се е покачено овие денови“-нагласува кумановец.

И на пазарите е лоша состојбата иако производите се доста поевтини. Купувачи речиси и да нема. Трговците реагираат дека добавувачите ги покачуваат цените дури и до 15 отсто, па и тие се принудени на ваквата непопуларна мерка.

„Лоша состојба е, немаат пари, со што ќе купат. Секој сака да јаде. Покачени се доста, околу 10-15 отсто се покачени и ние сме принудени да ги покачиме“-вели еден трговец.

Од Државниот пазарен инспекторат најавија засилен инспекциски надзор низ супермаркетите, но и кај трговците на мало. Апелираат да бидат општествено одговорни и да ги приспособат цените во согласност со стандардот на граѓаните. Секаде каде што ќе забележат нереални зголемувања трговците ќе бидат санкционирани.

Состојбата со ценовните поместувања би требало да се надмине со носењето на Законот за нефер трговски практики, кој наскоро би требало да биде изгласан од пратениците.