Евтината струја е најголем ќар за пензионерите и за оние кои готват, перат и пеглаат меѓу 13 и 15 часот. Вака премиерот Димитар Ковачевски ја објасни својата пресметка, дека граѓаните од евтината тарифа на струјата ќе заштедат по 1000 денари.

Сепак, освен ова, премиерот наброи и други параметри, според кои се водел при пресметката на заштедата.

Ценовен шок нема да има, но само за оние кои ќе штедат. Струјaта ќе поскапи за тие кои загреваат базени и големи простории, а се во третиот и посебно во четвртиот блок, вели Ковачевски, кој потсети дека новата цена на струјата ќе ја донесе Регулаторна комисија, а не Владата.

Бурните реакции на дел од експертската јавност што проектот Чебрен се дава на грчки инвеститор засега не ја променуваат одлуката на Владата. Ковачевски тврди дека таа е донесена согласно Законот за концесии и Законот за води.