Од петокот Хрватите плаќаат поскап гас за најмалку 16 отсто, струјата поскапе за 9,6 отсто, а најавени се и 50 отсто повисоки цени на месото. За нив утеха може да биде тоа што владината интервенција спречи уште подрастично поскапување на гасот, бидејќи цената требаше да поскапи за 77 проценти.

Тоа е само дел од поскапувањето што ги очекува хрватските граѓани во април, додека изминатав недела цената на литар дизел надмина 2 евра. Се очекува и драстично поскапување на храната, што веќе може да се забележи во продавниците. Во моментов ништо не недостасува на рафтовите, но цените растат.

Од денеска е намален и ДДВ-то на прехранбените производи, кој сега изнесува 5 отсто, но без разлика на тоа, месните производители најавуваат драстично повисоки цени. Килограм свинско месо наскоро во Хрватска ќе чини од 15 до 20 евра, а телешко над 30 евра.

Превозниците најавуваат и многу повисоки цени, а значително ќе се зголемат и комуналиите. Некои градови најавија зголемување на цените на комуналиите за 50 отсто. Засега цените во туризмот не поскапеа бидејќи и онака се високи, но туристичките работници тврдат дека новиот бран поскапувања не може да ги заобиколува хотелите и рестораните до лето.

Хрватска од поскапување на енергенсите не ја спасува ни домашното производство, бидејќи од година во година опаѓа. Пред пет години, Хрватска произведуваше 54 отсто од сопствениот гас, а лани само 25 отсто. Не помогна многу ниту изградбата на терминалот за ЛНГ на островот Крк, затоа што Унгарија откупи најголем дел од течниот гас.