Холандската централна банка (DNB)  објави дека ќе отпушти 290 работни места со полно работно време како дел од реорганизацијата насочена кон намалување на трошоците и ограничување на растот на буџетот.

Според банката, намалувањето на бројот на вработени веројатно нема да бара принудни отпуштања, бидејќи дел од работните места ќе бидат прекинати преку истекување на договорите и природен одлив на вработени.

Реорганизацијата најмногу ќе ги погоди секторите на информатичката технологија, финансиите, човечките ресурси и комуникациите.

Целта е да се намали бројот на вработени со полно работно време на околу 2.090 до 2030 година.

DNB очекува дека намалувањето на бројот на вработени, помалото вклучување на надворешни соработници и другите мерки за заштеда ќе донесат заштеди од над 70 милиони евра.

Холандската централна банка сака нејзиниот буџет во 2030 година да биде приближно на нивото од 2025 година, и покрај тоа што трошоците за плати и цените во меѓувреме растат.

Буџетот на ДНБ е значително зголемен од 2020 година и достигна 576 милиони евра.

Банката го објаснува овој раст со новите законски обврски, период на високи плати и инфлација, вонредни инвестиции во ИТ инфраструктура, како и привремено преместување за време на реновирањето на седиштето.