Во исто време, биткоинот се искачи на околу 15.500 долари, со што криптовалутата продолжува да се приближува до својата највисока вредност од 2017 година.

Клубот од 26 гувернери на централни банки од Азија, регионот на Црното Море и Балканот заклучи дека предизвиците околу пандемијата на коронавирусот ќе имаат „глобални последици“, како што се поголемиот товар на долгот и зголемената финансиска ранливост, објави Coindesk.

Гувернерот на руската централна банка Елвира Набиулина изјави дека пандемијата придонесе за проширување на електронската трговија и дека тоа е една од причините што централните банки сега размислуваат за воведување дигитални валути.

Групацијата на централни банки заклучува дека пред да се разгледа лансирањето на дигитална валута, секој банкарски регулатор прво мора да го процени влијанието што дигиталната валута ќе го има врз монетарната политика и финансиската стабилност, а потоа да развие постапка за да се избегнат и ублажат сајбер ризиците.

Овие коментари од централните банкари придонесуваат за понатамошeн раст на биткоинот.

Најпопуларната криптовалута порасна за 1,7 проценти во петокот на 15.500 долари. Така, наспроти позадината на пандемијата на коронавирусот, биткоинот се тргува на највисоко ниво од почетокот на 2018 година и малку под рекордната вредност од околу 20 000 американски долари, која накратко беше постигната во декември 2017 година.

Во меѓувреме, Министерството за правда на САД објави дека конфискувала биткоини вредни повеќе од 1 милијарда долари поврзани со сега веќе непостоечкиот црн пазар на Патот на свилата. Според соопштението на министерството, истражителите користеле специјален софтвер за да идентификуваат „54 досега неоткриени трансакции со биткоини извршени од Патот на свилата“.

 

Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк