Сите 80 општини во државата плус Градот Скопје во кризната 2020-та година потрошиле 129 милиони евра за јавни набавки, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Оваа сума е речиси идентична споредено со претходната 2019-та, што покажува дека општините трошеле исто и пред пандемијата. Најголеми скокови во вредноста на јавните набавки во однос на претходната година се забележани кај Градот Скопје, кај Општина Гостивар и кај скопски Аеродром. Најголеми падови, пак, во вредносен износ се забележани кај Општина Липково, Тетово и Штип и Прилеп. Најмногу се трошело за градежни работи, а потоа за стоки и услуги.

„Воопшто најмногу пари се трошеле за реконструкција и обнова на локални улици и патишта така што во тој дел имаме најмногу тендери, особено во Градот Скопје во кој за разлика од претходната година во 2020 дури и ги зголемил набавките за 10 милиони евра, а иста е и состојбата во Гостивар плус 5 милиони евра, и во скопски Аеродром плус 2.7 милини евра.“вели Герман Филков – Центар за граѓански комуникации.

Истражувањето покажало дека лани локалните власти склучиле вкупно 3 454 договори за јавни набавки со 1 164 фирми што е за 5,6 % помалку од бројот на фирми со кои биле склучени договорите во 2019 година. Меѓу фирмите, трите со најголема вредност на договори се: градежната компанија Гранит АД Скопје, енергетската Енерџи Деливери Солушнс ЕДС од Скопје и градежната Пелагонија од Гостивар.

„ Тоа што има вкупно повеќе фирми и отприлика исто договори или малку помалку значи дека можеби е подобрена малку конкуренцијата да кажам дека се зголемува бројот на фирми, што еве да се изразам поедноставно добиваат дел од тој колач на општинските тендери.“вели Герман Филков – Центар за граѓански комуникации.

Во 2020-та година за јавни набавки по глава на жител се трошеле 56 евра, а лидер на оваа табела е општина Новаци со дури 401 евро по жител, наспроти Шуто Оризари која троши само 7 евра..