На четири финансиски друштва им се одземени дозволите за работа, а во засилените контроли Министерството за финансии изрекло и глоби во вкупен износ од околу 50 илјади евра. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска најави дека до крајот на годината се можни нови прекршочни санкции и одземања на дозволи. Во меѓувреме, Министерството подготвило законски измени со кои се предвидуваат пониски трошоци за кредитите и ограничување на исплатата во готовина.
Во утринското гостување на Радио Лидер, Димитриеска-Кочоска рече дека контролите се засилени особено по 2024 година, а меѓу изречените мерки имало и привремени затворања. Министерството, додаде таа, работи со консултанти од Трезорот на САД на зајакнување на капацитетите за надзор.
Едно од прашањата што ги отвора надзорот е наплатата на опомените. Министерката посочи дека уште во 2024 година Министерството испратило допис до сите финансиски друштва, потсетувајќи ги дека, согласно член 36 од Законот за заштита на потрошувачите, одредени опомени и слични дејствија не смеат да им се наплаќаат на граѓаните. Годинава, пак, до Државниот пазарен инспекторат бил испратен допис за одредби во договорите што укажувале на наплата на трошоци за кои е надлежен Инспекторатот.
Димитриеска-Кочоска нагласи дека Министерството постапува самостојно во рамките на своите законски овластувања, а надлежностите за работењето на финансиските друштва се поделени меѓу повеќе институции. Пазарниот инспекторат постапува во делот на наплатата на опомени, измамничките практики и рекламирањето, Управата за јавни приходи е надлежна за даноците, а Агенцијата за заштита на личните податоци за постапувањето со тие податоци. Надлежности, во рамките на своите овластувања, имаат и Управата за финансиско разузнавање и Финансиската полиција.
Со подготвениот предлог за измени на Законот за финансиски друштва се предвидува исплатите и уплатите да се вршат електронски, со ограничување на исплатата во готовина. Предлогот предвидува и намалување на трошоците за кредитите. Според министерката, дел од измените произлегуваат од пријавите што граѓаните ги доставиле до Министерството. Таа ги повика и понатаму да пријавуваат неправилности при одобрувањето кредити.