Претседателот на Чиле Габриел Борич најави дека земјата ќе ја национализира литиумската индустрија со цел да ја подобри економијата и да ја заштити животната средина.
Целта е земјата да го унапреди ископувањето на литиум во производство на батерии.
Тој прецизираше дека идните договори поврзани со литиумот ќе се склучуваат само како јавно-приватно партнерство, под контрола на државата.
Тоа значи дека во земјата со најголеми резерви на литиум во светот, контролата врз овој ресурс на крајот ќе биде префрлена од индустриските гиганти SQM и Albemarle на посебна државна компанија.
SQM и Albemarle моментално ги снабдуваат Tesla, LG Energy и други производители на електрични возила и батерии.
Владата нема да ги раскине постоечките договори, а претседателот се надева дека компаниите ќе бидат отворени за учество на државата пред да истечат. Договорот со SQM истекува во 2030 година, а со Албемарле во 2043 година.
Претседателот на Чиле најави дека ќе започне дијалог со организации, компании и законодавци за создавање компанија за литиум што ќе биде во целосна сопственост на државата. Постојните државни компании Колдеко, инаку најголемиот светски производител на бакар, и Енами ќе имаат задача да проценат дали би имале корист од државното партнерство пред да се формира национална компанија за литиум.
Претседателот на Чиле истакна дека ќе има посебен оддел посветен на подобрување на технологијата со цел да се минимизира влијанието врз животната средина.
Намерата на Борич е да го унапреди рударството во Чиле во производство на батерии во таа земја.
„Можеме да произведуваме батерии во Чиле, не треба само да извлекуваме суровина“, посочи тој, истакнувајќи дека државата на северот на земјата формира технолошки институт за пустини со литиум и сол, каде што се наоѓаат рудниците.
Најавата на претседателот на Чиле е дел од бранот на национализација и државно преземање на клучните ресурси неопходни за електричните возила, кои веќе не се прашање на иднината, туку на сегашноста.
Така, Мексико ги национализираше резервите на литиум минатата година, а во 2020 година Индонезија го забрани извозот на никелова руда, главниот материјал за производство на батерии.