Во првиот квартал од 2021 година, македонската економија сè уште се одвива во услови на пандемија. Најавите за силен трет бран на пандемијата во државата се материјализираа кон крајот на првиот квартал од 2021 година и доведоа до значително отежнати околности за нормално функционирање на населението и на деловните субјекти. Во ситуација на зголемени ограничувања и рестрикции во движењето и во извршувањето на економската дејност, а при бавен и неизвесен процес на вакцинација на населението, се зголемија и резервите за брз излез од кризата и вопоставување нормални текови во функционирањето на економијата. Иако одобрените вакцини ја подигаат надежта за пресврт на пандемијата во текот на 2021 година, повторните бранови и новите видови на вирусот предизвикуваат загриженост на исходот.

Банката не е имуна на актуелните економски и здравствени текови, иако солидно одговори на предизвикот Ковид-19 во текот на минатата година. Спроведената прва јавна понуда за помош и поддршка на клиентите се оцени како успешна, имајќи предвид дека бројот на клиенти не се намали, а ризичниот профил на Банката остана одличен. Со крајот на првиот квартал од 2021 година, завршува периодот со поволности од втората јавна понуда, при што не се очекуваат посериозни проблеми имајќи предвид дека обемот на истата беше значително помал од првата. Во 2021 година се очекува неутрализирање на негативните ефекти и побрзо опоравување на економијата во целина.

Во првото тримесечје од 2021 година, Банката оствари нето-добивка во висина од 2.5 милиони денари, којашто е за 69% повисока од остварената добивка во истиот период минатата година.

На 31 март 2021 година, вкупната актива/пасива на Банката бележи мал пораст во однос на крајот од минатата година и остварување на поставениот план од 99,4%.

Вложувањата во државни записи бележат пораст, со што позицијата вложувања во хартии од вредност е повисока во однос на крајот на  претходната година за 5% и високо исполнување на планот од 97%. Соодветно на тоа, Паричните средства и парични еквиваленти се речиси на ниво на планот со исполнување од 99.4%.

Во првото тримесечје на 2021 година, евидентиран е пораст на кредити на и побарувања од други комитенти за 1% во однос на крајот на годината и исполнување на планот со високи 99.9%. Порастот во најголем дел е оставарен при одобрување кредити на физички лица.

Позицијата останати побарувања е речиси на ниво на планираната, со минимално опаѓање во однос на крајот од годината за 1.6%. Оваа позиција во Билансот на состојба е со висок износ како резултат на евидентираната авансна исплата на пензиите на крајот од месецот.

Позициите нематеријални средства и недвижности и опрема бележат пад во однос на крајот на минатата година, што се должи на континуираната амортизација на овие средства.

Позицијата депозити на други коминтенти бележи благ пораст од 1% во однос на крајот од годината, при што планот е реализиран со 99,5%.

Преземените активности во доменот на управувањето со изворите на средства, доведоа до намалување  на расходите за камати за 16,6% со првото тримесечје од 2021 година во однос на истиот период минатата година. Остварените расходи за камати во 2021 година, во однос на планираните, се пониски за 8,7 %.

Наспроти нагорниот континуитет на кредитна активност во сегментот население, во услови на висока конкуренција, Банката оствари пониски приходи од камати за 4.7% во споредба со истиот период минатата година. Остварените приходи од камати во првото тримесечје на 2021 година, во однос на планираните, се пониски за 4,6%. Во услови на континуиран тренд на намалување на активните каматни стапки, при намалени каматни стапки на благајничките записи, како една од мерките поврзани со здравствената криза, со намалувањето на расходите од камати, Банката успеа да оствари нето-каматен приход повисок во однос на истот период претходната година за 1,1%.

Во првото тримесечје на 2021 година, како резултат на привлечени нови клиенти во Банката во текот на претходната 2020 година, забележан е пораст на приходите од провизии за 36,5% во однос на истиот период лани или подобрување од 10.5 милиони денари. Тој пораст придонесе кон пораст на позицијата нето-приходи од провизии и надомести за 33,6% или 6 милиони денари, во однос на истиот период претходната година, додека планот е исполнет со 97%.

Во однос на позицијата трошоци за вработените, забележан е незначителен пораст од 0,8%. Планот е реализиран со 100%.

Позицијата останати расходи од дејноста бележи пад во однос на истиот период минатата година од 3%. Остварени се и пониски останати расходи од дејноста за 8,6% во однос на планот.

Останатите приходи од дејноста се пониски во однос на претходната 2020 година и во однос на планираните за периодот.

Во првото тримесечје на 2021 година, реализирани се пониски нето–приходи од курсни разлики за 52% во однос на минатата година.

Расходите за амортизација бележат пад од 2,7% во однос на истиот период минатата година и 3,7% во однос на планираните, како резултат на одложени набавки на основни средства.

Во првото тримесечје на 2021 година, има пораст во резервациите на правни лица, при што е издвоена исправка на вредноста на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансната изложеност, на нето-основа во износ од 9.8 милиони денари, односно забележано е влошување на оваа позиција двојно повеќе во однос на минатата година или во апсолутен износ за 5 милиони денари.