Секоја компанија е успешна толку колку што се едуцирани и мотивирани нејзините вработени. Постојаното учење на работникот е процес кој се одвива паралелно со растот на компанијата која цели кон нови и повисоки успеси. Обезбедувањето постојано надоградување и развој на вработените, а притоа тоа да не е ограничено само на два-три дена обука, е идејата на компанијата „Концептива“ која ја создаде платформата Coach.

Според Калина Трајаноска, ко-осоновач на „Концептива“, зад Coach стои тим составен од ентузијасти со големи амбиции. Во моментов се десет на број, но очекуваат и нови колеги. Секој член од тимот е исклучително важен дел од сложувалката и придонесува не само со своето знаење, туку и со својата енергија, креативност, снаодливост и истрајност. Резултат на тоа е алатка која преку интерактивни игри на забавен начин ги едуцира работниците, а на работодавачот му дава податоци за степенот на нивните знаења и потребата за надградување.

Калина, кажете ни нешто повеќе за платформата Coach, што ја развива вашата компанија „Концептива“.

Платформата Coach ја трансформира обуката во рамките на компаниите од еднократен настан во континуиран процес на подобрување. Вработените, преку мобилна апликација добиваат пристап до интерактивни игри со содржини поврзани со нивното работење – на пример ако се комерцијалисти – добиваат прашања за продуктите кои ги продаваат, ако се во производство – прашања за работењето со машините и слично.

Со редовно користење, Coach ги открива слабите точки во знаењето на секој од вработените и преку наредните прашања и лекции успева да им помогне да ги пополнат тие празнини и да постигнат подобри перформанси, на пример зголемена продажба или помалку грешки при работата.

Мобилната апликација е достапна за iOS и Android уреди со богат сет од функционалности, а администрацискиот панел е достапен во базична верзија и постојано го надградуваме.

Главниот проблем кој го решаваме е тоа што компаниите ги третираат обуките како еднократен настан и сметаат дека по завршената обука вработениот со добиеното знаење ќе располага засекогаш. Но, реалноста е сосема различна – нашиот мозок не е направен да запамети сè. Всушност, повеќе од 70% од новостекнатите знаења се забораваат по само 2 недели, што е огромна загуба за компаниите! Со Coach целиме да ги поправиме овие проблеми на тој начин што обуките ги третираме како континуиран процес на подобрување. Вработените добиваат пристап до нашата мобилна апликација каде преку интерактивни игри одговараат на прашања од нивните обуки со што се освежува и зацврстува нивното знаење.“

Новинар- Сања Наумовска од Иновативност – прочитајте го целото интервју на ЛИНКот