Европската комисија (ЕК) соопшти дека во моментов ја следи програмата за економско државјанство во Црна Гора. Тоа е соопштено откако беше објавено дека програмата за економско државјанство во Црна Гора е продолжена за уште една година, пренесува РТЦГ.

„Европската комисија во моментов ги следи планираните и постоечките шеми во неколку земји, вклучувајќи ги и Карибите и источноевропските земји Албанија, Молдавија и Црна Гора“, јави Дојче веле.
Слични програми постојат во Кипар и Малта, две земји-членки на ЕУ, кои во моментов се соочуваат со правни предизвици поради позицијата на официјален Брисел.

Повод за соопштението на Европската комисија е предлогот за суспендирање на механизмот за безвизно патување меѓу ЕУ и јужнопацифичката држава Вануату. Овој потег, кој би бил прв на глобално ниво, има за цел да се бори против практиката на нудење „златни пасоши“.

Во Вануату, странците можат да добијат државјанство и пасош во замена за минимална инвестиција од 130.000 долари. Европската комисија издаде предупредување дека ќе го преземе овој чекор доколку Вануату не ја промени својата програма за инвестиции во замена за пасош.
Предлогот сега треба да биде одобрен поединечно од земјите-членки на ЕУ.