Владата предводена од Христијан Мицкоски не ги исполнила ниту економските ветувања што им ги дала на граѓаните, обвини на денешната прес-конференција СДСМ преку членката на Извршниот одбор, Симона Цветановски.
Од партијата оценуваат дека по две години владеење нема подобрување на животниот стандард, туку зголемено задолжување, повисоки трошоци за живот и помалку странски инвестиции.
„Наместо подобар живот и повисок стандард, народот живее полошо и со помалку пари. Наместо нови инвестиции – инвеститорите си заминуваат. Наместо намалување на задолжувањето имаме рекордно зголемување на долгот“, порача Цветановски.
Според СДСМ, буџетскиот дефицит забрзано расте, а Владата се задолжува со нови кредити. Од партијата посочуваат дека до крајот на мај биле реализирани 76 проценти од планираниот годишен буџетски дефицит.
Воедно, ја критикуваат и одлуката за ново задолжување од 260 милиони евра, тврдејќи дека била донесена со прекршување на собраниските процедури.
Од опозициската партија наведуваат дека во изминатите две години јавниот долг се зголемил на околу 11 милијарди евра, додека новото задолжување достигнало 2,5 милијарди евра.
СДСМ обвинува и дека не се реализирани ветувањата за повисоки плати и минимална плата од 600 евра, додека инфлацијата, според нив, дополнително го намалува животниот стандард на граѓаните.
„Скоро 69.000 денари се потребни за покривање на основните трошоци за живот, а две минимални плати не се доволни за едно семејство“, истакна Цветановски.
Партијата тврди и дека има намалување на странските инвестиции, пад на бројот на вработени во индустријата и зголемување на сиромаштијата.
Според СДСМ, економската политика на Владата доживува неуспех, а последиците ги чувствуваат граѓаните преку повисоки трошоци и намален животен стандард.