САД и ЕУ даваат сигнали за помирување во трговскиот судир поради американските царини на увозот на челик и алуминиум, а Германија навести можно решение до крајот на оваа седмица.

„Многу конструктивно разговаравме за сите теми поврзани со нашите економски врски во насока на смирување на тензиите“, изјавија во заедничкото соопштение објавено во понеделникот вечерта американскиот секретар за трговија, Вилмур Рос, и германскиот министер за стопанство Петер Алтмајер.

Рос и Алтмајер предвидуваат и  други разговори следните денови.

Според Алтмаер можен компромис може да има уште оваа седмица, а споменатите американски царини би требало да започнат да се применуваат во петок.

„Имаме чувство, Вилбур Рос и јас, дека би можеле да постигнеме заедничко решение оваа седмица“, изјави германскиот министер за новинарите пред Белата куќа.

Американскиот претседател Доналд Трамп на 8-ми март одреди царини од 25 отсто на увозот на челик и 10 отсто за алуминиумот во САД, игнорирајќи ги предупредувањата од многу американски сојузници, во прв ред Европската унија, на опасноста од избувнување трговска војна. Администрацијата на Трамп, сепак, остави можност за изземање на некои земји од овие намети.

„Можно постигнување решение со коешто би се избегнал тежок трговски судир“, реагираше Петер Алтмаер додека Европската унија се закани со одмазнички мерки на американските производи, меѓу кои се фармерките „Лејвис“, мотоциклите „Харли Дејвисон“ или путерот од кикирики, доколку американската увозна давачка биде одредена за 28-те земји членки.

Земјите од Европската унија во текот на минатата 2017 година извезле во САД челик за 5,3 милијарди евра и алуминиум за 1,1 милијарда евра. Сепак, главен снабдувач со алуминиум и челик во САД е Канада, нивниот главен трговски партнер, кој заедно со Австралија најверојатно ќе бидат изземени од споменатите мерки за кои Вашингтон смета дека се во насока на заштита на националната економија и безбедноста.