Увозот на работна сила, законот за работни односи, даночните реформи, енергетската криза и законот за заштита на потрошувачи, беа темите на денешната Комисија за јавно-приватен дијалог што се одржа во Владата.

Како што соопшти владината прес-служба, стопанските комори доставиле анализа – какви квалификации треба да поседуваат работниците во одредени дејности и дали има потреба да се зголеми квотата за вработување странци. Коморите кажале и дали имаат административни бариери, како и што најмногу им одзема време.
Во делот за енергетската криза и законот за заштита на потрошувачи, што е во надлежност на Министерството за економија, заменик министерот Зоран Маневски ја презентирал динамиката на имплементација на предвидените мерки, да се дозволи компаниите кои се на регулираниот пазар вишоците да ги пласираат во мрежата, односно да се овозможи откуп.

Во врска со Законот за работни односи, за кое е надлежно Министерството за труд и социјална политика, заменик министерот Енвер Хусеин рекол дека е во тек подготовка на новиот закон за работни односи. Од вкупно девет јавни расправи се одржани осум, две во Скопје и по една во Струмица, Штип, Битола, Кичево, Гостивар и Кавадарци каде биле поканети и присуствувале и синдикатите и здруженијата на работодавачи, при што Министерството ќе ги земе во предвид сите забелешки.

Во делот на даночните реформи, заменик-министерот за Финансии Филип Николоски дал осврт на данокот на солидарност, како и на намалувањето на сивата економија. Предоќил со кои механизми ќе се ублажат даночните шокови врз бизнис секторот.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, во својство на копретседавач на Комисијата за јавно-приватен дијалог, која се одржува на редовно квартално ниво, изјавил дека овој дијалог најдобро го отсликува пристапот на Владата која во приватниот сектор гледа партнер со кој на транспарентен начин дискутира за предизвиците и за начините за нивно решавање.
На седницата, покрај владини претставници, присуствува и претседатели, заменици претседатели, извршни или оперативни директори на Стопанската комора на Македонија, Сојузот на стопански комори, Стопанската комора на Северозападна Македонија и од МАСИТ.