Пратениците од владејачкото мнозинство дадоа зелено светло за законските измени, сега топката е во Комисијата за финансирање и буџет чиј претседател е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, но комисиски расправи на собранискиот календар се уште не се закажани.

Денеска се изгласа и потребата од носење на Данокот за солидарност, со кој фирмите само оваа година ќе треба да платат 30% данок. Опфатени се оние кои имаат годишен приход над 10 милиони евра, но ако тој е за 20% поголем од просекот кој го оствариле во последните 4 години.

Заменик министерот за финансии Филип Николоски го образложи законското решение.

„Целта на предлог законот е секој да учествува во намирувањето на јавните расходи во согласнот со своите економски можности и на солидарен начин да придонесе за ублажување на последиците од ценовната и енергетската криза. Воведувањето е од општ интерес за сите граѓани и се базира на начела на правичност, еднаквост и пропорционалност. Предлог законот предлага данок на солидарност за 2023та како еднократна, вонредна и привремена јавна давачка.“ кажа Филип Николоски, заменик министер за финансии

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ со низа забелешките за предложените закони. Претседателот на комисијата Бојан Стојаноски вели дека даночната реформа нема да се најде на комисиска расправа се додека не се организира јавна расправа на која ќе учествуваат сите засегнати страни.

„Не може да носите закон за солидарност каде солидарни треба да бидат само стопанствениците, кога државата не е солидарна и не прави фискални затегања на трошоците кои ги има во буџетот и второ ни останува нејасно прашањето зошто се извадени од целиот тој контекст фирмите кои што се формирани последната година, со што јасно укажува на сомнеж дека компаниите од енергетиката кои се формираа, а се на семејствата на функционери намерно се изоставаат.“ изјави за Канал 5 Бојан Стојаноски, претседател на Комисија за финансирање и буџет

На листата „чекање“ се и измените во ДДВ-то, како и данокот на добивка. „Солидарниот“ данок во државниот буџет треба да донесе околу 76 милиони евра, додека со дел од даночната реформа предвидено е да се соберат 70 милиони евра, пари кои ќе се користат за антикризни мерки.