За да можат да се реализираат 22 мерки треба да се донесат 12 закони или законски измени, изготвени од Министерството за финансии. Некои од нив се веќе поминати во Собранието, како на пример законот за исплата на помошта за плати, но дел се во собраниска процедура или се ставени на јавна консултација на ЕНЕР. Такви се мерките кои се однесуваат на даночни олеснувања и мерките кои се однесуваат на системски решенија

Повратот на данокот од „Викенд без ДДВ“ легна на сметките на граѓаните, а наскоро ќе се исплати и финансиската помош за платите. Со ова се затвораат две од вкупно 31 мерка од четвртиот антикризен пакет.

И пензионерите, самохраните родители, невработените, чекаат по 6.000 денари на своите сметки за да купуваат домашни производи, а тие пари според најавите ќе ги добијат дури наредниот месец. Од четвртиот сет останува и исплата на помошта за занаетчииите, туристичките водичи, туристичките агенции, сопствениците на ресторани за свадби, игротеките…

Во текот на овој или наредниот месец треба да почне и исплатата на новите кредити преку Развојната банка кои се наменети за микро и мали компании. Оваа кредитна линија „тежи“ 31 милион денари, од кои 30 милиони ќе се обезбедат од Делегацијата на Европската Унија, а еден милион е од Министерството за економија, кое веќе ги префрли парите.
Но, дел од мерките ќе се реализираат дури од наредната година. Така е со новите 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка, кои, како што е најавено, компаниите ќе го дочекаат дури на почетокот на следната година. Според министерот за финансии Фатмир Бесими во тек се преговори со Европската инвестициска банка за обезбедување на овие пари.

За реализација на некои од вкупно 31 мерка потребни се измени на закони или носење нови. Или, за да можат да се реализираат 22 мерки треба да се донесат 12 закони или законски измени, изготвени од Министерството за финансии. Некои од нив се веќе поминати во Собранието, како на пример законот за исплата на помошта за плати, но дел се во собраниска процедура или се изготвени и се ставени на јавна консултација на ЕНЕР. Такви се мерките кои се однесуваат на даночни олеснувања и мерките кои се однесуваат на системски решенија.

На ЕНЕР веќе се води јавна расправа по законот за државна гарантна шема, со кој е предвидено 10 милиони евра од буџетот како неповратни да се вложат во Гарантен фонд. Предвидено е постапката да тече така што Развојната банка и банките и штедилниците ќе склучуваат договор за издавањето на гаранциите, а крајни корисници ќе бидат микро, мали и средни трговци, како и големи извозно-ориентирани компании. За кредитите за обртни средства ќе се гарантира до 80 отсто од нивната висина, а за кредитите за основни средства до 50 проценти.

Потребни се законски измени и за мерките кои се однесуваат на даночни ослободувања и ослободувања од давачки како на пример намалувањето на ДДВ од 18 на 5 отсто за ресторански услуги и служење на храна и пијалаци, потоа можноста за плаќање по ДДВ пријава најдоцна 5 дена по нејзиното поднесување, а не истиот ден. Сите овие мерки се регулирани со предлог законот за изменување на законот за ДДВ, а треба да стапат на сила од 1 јануари следната година, освен продолжувањето на рокот за плаќање на ДДВ, кое стапува на сила по донесување на законот.
Има и други мерки од даночната сфера за кои е потребен гласот на пратениците, па нивната реализација е планирана за подоцна.

Инаку, со неодамнешниот ребаланс на буџетот се обезбедени 160 милиони евра за мерките кои имаат директни буџетски импликации како финансиската поддршка за исплата на плата, финансиска поддршка за ранливи категории, поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје и вино, поддршка за дејноста туристички водич, враќање на туристичка такса за 2019 година, за остварени ноќевања, повратот од викенд без ДДВ, за државна гарантна шема, за царинска гаранција преку Развојната банка, и за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби.