Од Мрежата за заштита од дискриминација и Платформата за родова еднаквост го поздравуваат регулирањето на породилното отсуство. Сепак, за да бидат комплетни одредбите бараат да се наведе кој и колку ќе го покрива истото. Добро е, велат, што се крати времетраењето на договорите на определено време но, според нив, ниту ова не е лекот за да се отстрани финансиската несигурност и неизвесност кај работниците.

„Во законот е потребно да се наведе дека правото на отсуство поради бременост и родителство ќе се исплаќа во целост, односно 100% од платата на товар на Фондот за здравствено осигурување.Во реалноста договорите за определено време се секојдневна пракса и правило а не исклучок. Работниците со договори на определено се во постојана неизвесност затоа што во секој миг работодавачите можат да одлучат дека веќе немаат потреба од овие работници. Сите овие права и обврски за кои што разговараме треба само да се допрецизираат со цел да се избегне нивна злоупотреба во пракса,“вели Наташа Петковска, Мрежа за заштита од дискриминација.

Невладините, меѓудругото, сугерираат предлог-текстот задолжително да се усогласи со повеќе други закони. Посебно го издвојуваат Законот за спречување и заштита од дискриминација за што предлагаат посебни одредби. Целта е дискриминацијата и сите нејзини форми да не бидат само декларативно споменати.

„Бараме да се издвои делот за еднаквоста и недискриминацијата во посебна клаузула во законскиот текст, да се поведат прекршочни одредби за непочитување на деловите со кои се уредува еднаквоста и недискриминацијата, да се предвидат пропорционални казни и да се предвиди изречна надлежност на Државниот инспекторат да постапува во овие случаи,“вели Наташа Петковска, Мрежа за заштита од дискриминација.

Сите забелешки се испратени до Министерството за труд и социјала. Освен што очекуваат да бидат земени предвид, невладините се надеваат и дека наскоро ќе бидат инволвирани во јавните дебати кои траат веќе два месеци. Министерството очекува законот да биде усвоен до крајот на јуни.