Сите деловни банки во земјава (вкупно 14 ) оствариле добивка лани во износ од 106,6 милиони евра. Само петте најголеми банки имаат профит од 95,6 милиони евра. Тоа значи дека големата петорка носи дури 90 отсто од целиот профит на банкарскиот сектор. Ова јасно говори за тоа каква е структурата и колкава е конкурентноста на нашиот банкарски пазар…

Сите деловни банки во земјава лани заработиле 6,55 милијарди денари односно 106,6 милиони евра. Во споредба со 2016 година добивката на банкарскиот сектор пораснала за 3,7 милиони евра. Податоците покажуваат дека банкарскиот бизнис во Македонија е многу вносен и дека нивната работа и добивките бележат прогресивен тренд.

Овој резултат македонските банки го оствариле во услови кога генерално вкупните приходи од камати бележат пад односно намалување за 3,7 милиони евра односно за 1,1 отсто во однос на 2016 година. Но банките, очекувано, уште повеќе ги зголемилем нивните каматни расходи и врз основа на тоа си овозможиле раст на добивката. Во споредба со 2016 година нивните расходи за камати се пониски за 7,7 милиони евра односно за 9,9 отсто помали во споредба со каматните расходи за 2016 година.

На расходната страна, генерално, кај сите банки растат расходите за вработени, останати расходи и амортизација и тоа за 4,8 милиони евра односно за 2,6 отсто. Резервациите за кредити лани вкупно пораснале за 11,1 отсто во однос на 2016 година односно 8,1 милиони евра.

Добивката на петте најголеми банки лани достигна 5,88 милијарди денари односно 95,6 милиони евра. Тоа е за 6,1 милиони евра или 6,8 отсто повеќе од вкупната нивна добивка во 2016 година. Најголем придонес за зголемената добивка на најголемите банки имаат нето каматните приходи и некаматните приходи. Големите банки успеале да ги зголемат нивните каматни приходи за 2,4 милиони евра во споредба со 2016 година, а истовремено со тоа нивните каматни расходи ги намалиле за 7,2 милиони евра односно за 13,3 отсто.

Извор: Фактор