Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, во емисијата „Студио 10“ на ТВ24 рече дека проектот за филмски студија кој го промовира Џон Малкович може да се реализира само во ТИРЗ или пак во специјална зона предвидена во југозападниот дел од земјата. Според ова, како што рече тој, отпаѓа варијантата најавената инвестиција да се гради кај поранешната касарна Илинден во Скопје.

Деспотовски претходно објави дека се обновени разговорите за отворање на филмски студија, проект во кој беше вклучен и американскиот актер Џон Малкович.

„Компанијата имаше аплицирано за стратешки инвеститор, но кога се вклучив по две-три средби мислев дека повеќе се заинтересирани за недвижен имот. Претставниците на Владата се согласија со мојот впечаток и затоа не се движеше проектот две или три години. На хартија да дадете проект за згради и трговски центри – таков капитал може да дојде слободно, но нема потреба да биде стратешки инвестиотор

Изминатите неколкку месеци се случија промени кај иницијаторот и пристапија до Владата со обновен предлог фокусиран во делот на филмските студија и понатаму ќе видиме. Во позадина повторно се појавува американска компанија, но ќе бидеме внимателни како и за останати – со due diligence, потекло на капитал и, ако покажат средства, можеме да дадеме шанса. Локација во ТИЗР Скопје и алтернативна локација југозападниот дел од земјата се во игра, касарната Илинден отпаѓа“, рече Деспотовски.

Директорот на ТИРЗ објасни и дека ќе биде потребен поголем буџет за да се откупуваат реквизитите и другите работи што продуцентот ќе ги остава во земјата при снимањето на скапите филмови.

„Немаме проблем со поврат на средства на реализиација на инвестиции, но трошоците за продукцијата, се она што ќе го остават тука. Тоа на повеќе локации во светот, секаде подлежи на поврат, секаде од 20 до 35 проценти се движат. Ние тој модел го имаме, но ако сакаме сериозен филм од 100 милиони евра, ќе треба да се одвојат средства за такво нешто. Но моделот постои и не треба законска интервенција, само средства во буџетот. Немаме пречка, само треба да се осигураме дека луѓето се сериозни што стојат зад оваа инвестиција.

Вака конципирано е добра шанса, а проектот е сложен, затоа што не сме го работеле, меѓутоа мора исчекорот да го направиме. Ова не е само некоја едноставна машина која треба да биде вклучена и да работи“, објасни Деспотовски.