Странските инвеститори во ТИРЗ имаат најмногу барања поврзани со информации за државна помош, дозволи за реконструкција и доградба и можности за проширување на инвестициите, но особено им е потребна поддршка при процеси поврзани со други институции како дозволи за работа, регулирање престој на странски експерти од матичните компании и царински услуги. Ова го покажува анализата од ефектите на новововедениот систем за грижа на корисници во ТИРЗ, таканаречен „Систем на една точка“ чија цел е обезбедување поедноставен пристап до услугите за компаниите и персонализирана поддршка за нивните барања и потреби во фазата на пред и пост-инвестициските активности, Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони.

Од воведувањето на новиот систем, во ТИРЗ, од март до сега, се пристигнати 328 барања од странските компании активни во зоните. Најголемиот дел од нив, 75% се барања поврзани со процесите во ТИРЗ, додека 25% се однесуваат на постапки и процеси на други државни институции. Новиот систем предвидува брзи и прецизни рокови за постапување, па од вкупниот број барања 70% се веќе процесирани и одговорени, а 30% се во процес на решавање.

„Со воведување на едношалтерски систем на инвеститорите им нудиме индивидуализирана поддршка на едно место од планирање до инвестиција, па до поддршка во работењето и спроведување на инвестициските проекти. Инвеститорите сега треба да тропнат само на една врата наместо на десет со што овозможуваме професионална и навремена грижа и ефикасна комуникација. Поттикнавме и низа измени во процедурите и решенија за обезбедување брз пристап до бараните услуги поврзани со други државни институции. Отворивме и директен дијалог со бизнис заедницата и странските компании и заедно работиме на унапредување на услугите и деловната клима во земјава. Отворена и функционална двонасочна комуникација е клучна за долгорочен успех и успешно партнерство“, вели Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони.

Новиот систем за грижа за корисници, кој е дел од новиот концепт на ТИРЗ се заснова на три столба, Поддршка при обезбедување на информации и процесирање барања поврзано со услугите на дирекцијата, Поддршка во обезбедување квалитетни јавни услуги од други институции на државно и локално нивo како и Поддршка во обезбедување на потреби поврзани со пазарот. Секоја компанија има назначено „единствено контакт – лице“ кое им е постојано достапно. Новиот систем е делумно дигитализиран, односно воведена и опција за поднесување барања во дигитален формат.

Исто така веќе е завршена измената на Упатството за оправдани инвестициски трошоци која за првпат е изработена од меѓународна ревизорска куќа, Прајсвотерхаус куперс и во соработка со компаниите со што се обезбедува поефикасен систем за исплата и следење на државната помош. Ова е дел од процесот кој го започна Дирекцијата за ТИРЗ во партнерство со Советот за странски инвеститори и Асоцијацијата на странски компании со напредно технолошко производство, преку серија дебати со компаниите заеднички да се работи на унапредување на услугите на државата за инвеститорите. Исто така веќе се спроведува и инвестициски циклус од 15 милиони евра во основната инфраструктура во повеќе зони, план кој за првпат е изготвен во соработка со корисниците и според нивните потреби.