Технолошките компании во Силиконската долина оваа година се повеќе се соочуваат со нови глобални закони за данок.

Имено, промената во Белата куќа го поттикна оптимизмот кај европските претставници дека наскоро ќе се постигне договор.

Германскиот министер за финансии Олаф Шолц за американската ТВ станица CNBC изјави дека сега е „многу веројатно“ да се постигне договор за дигиталниот данок пред летниот рок на ниво на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

„Јас сум навистина убеден дека ќе постигнеме договор“, рече Шолц, еден ден по телефонскиот разговор со новата министерка за финансии на САД, Џенет Јелен.

Јелен ги поддржа напорите да се воведе ново глобално наметнување на технолошките гиганти во минатонеделното обраќање во Сенатот, за време на гласањето за нејзиното назначување, забележува CNBC.

Исто така, вети дека Соединетите држави активно ќе учествуваат со другите земји на ОЕЦД во преговорите, од кои претходната администрација одлучи да се откаже минатото лето.

„Многу е веројатно дека ќе го постигнеме успехот за кој работиме толку напорно. Имам впечаток дека новата администрација ја разбира потребата да се постигне договор во оваа област и дека ќе работи заедно со сите нас на решенија, што мислам дека е голем, голем успех. „Секој знае дека имаме строг рок, мора да се договориме ова лето“, рече Шолц.

Германскиот министер го пофали својот нов американски колега, со кого во средата оствари телефонски разговор. Тој рече дека му се чинело дека „прагматичниот пристап“ во американско-европските односи се враќа, додавајќи дека има „добри шанси за ново трансатлантско партнерство“.

ОЕЦД сака да постигне меѓународен договор за тоа како да се оданочуваат технолошките гиганти до средината на 2021 година. Поради недостаток на консензус на ниво на ОЕЦД, некои европски земји воведоа свои дигитални даноци, вклучувајќи ги Шпанија, Италија и Франција.

Доколку преговорите за ОЕЦД повторно пропаднат, Европската комисија се очекува да предложи дигитален данок што ќе се применува на ниво на целата Европска унија, и кој треба да биде едногласно одобрен од сите 27 земји-членки, што се покажа тешко во минатото.

Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер исто така ја поздрави поддршката на администрацијата на претседателот Џо Бајден за предлогот за воспоставување глобални регулативи за дигиталното оданочување. Ле Мер на панелот на Светскиот економски форум во Давос во понеделникот рече дека верува оти мултилатералниот договор може да стапи на сила уште оваа пролет.