Европа сака да ја намали својата зависност од американските гиганти за плаќање Visa и Mastercard, но новиот систем предизвика поделби меѓу Европската централна банка (ЕЦБ) и финансиските фирми кои сакаат да ги заштитат своите приходи, велат неколку извори запознаени со ова прашање.

Бумот на безготовинските плаќања по пандемијата ја зголеми зависноста на еврозоната од американските компании кои обработуваат речиси две третини од плаќањата со картички во единствената валута. Компании како PayPal и Apple, исто така, ги проширија своите операции.

Европските претставници го прогласија суверенитетот во плаќањата за стратешки приоритет, бидејќи фрагментираниот глобален поредок ризикува инструментализирање на пристапот до платните системи, а новите форми на пари ја доведуваат во прашање улогата на еврото.

ЕЦБ сака да воведе дигитално евро до 2029 година и да преземе улога на гарант за онлајн „паричник“, проект што би го спроведувале приватни компании, вклучително и банки.

Сепак, заемодавателите се плашат дека дигиталното евро ќе ги охрабри клиентите да префрлат дел од своите пари во дигитален „паричник“ и ги истражуваат сопствениte решенија.

Европски конзорциум кој планира да лансира криптовалута врзана за еврото до крајот на оваа година, минатата недела објави дека сега има вкупно 37 финансиски институции, вклучувајќи ги италијанските банки „УниКредит“ и „Интеса Санпаоло“ и австриската „Рајфајзен банк интернешнл“.

„Актерите од јавниот и приватниот сектор се движат во иста стратешка насока, но со лошо усогласени стимулации и временски рокови“, рече Паоло Гусмерини, директор за дигитално банкарство во консултантската куќа „ПвЦ“.

ЕЦБ планира да обезбеди инфраструктура за поддршка на дигитални плаќања во евра бесплатно и да ги ограничи надоместоците што трговците ги плаќаат за да ги прифатат.

Плаќањата со картички во еврозоната вредат околу 3,4 трилиони евра годишно, па затоа ограничувањето би можело да ги намали годишните приходи на приватните системи за плаќање за помеѓу осум и девет милијарди евра годишно, пресмета „Ројтерс“ врз основа на податоците од ЕЦБ.

Трговците трошат околу 3,75 милијарди евра годишно само за надоместоци за прифаќање плаќања со дебитни картички. Околу половина од износот оди во мрежи на картички надвор од ЕУ, а другата половина во банки, покажуваат податоците од ЕЦБ.

За да се ограничи влијанието врз поширокиот финансиски сектор, се очекува регулативите за дигитално евро во моментов да го ограничат износот во дигитален „паричник“ на максимум 3.000 евра.

Тоа би оставило простор за европските банки, фирмите за плаќање и технолошките стартапи паралелно да ги постават своите системи.

Сепак, експертите и службениците од индустријата предупредуваат дека повеќе паралелни системи носат поголем ризик од сајбер напади и технички дефекти.

Академикот и поранешен функционер на ЕЦБ, Улрих Биндзеил, неодамна изјави дека наметнувањето на ограничувањето е „сериозен неуспех“.

„Очекуваме парите од комерцијалните банки да бидат подредени на парите од централната банка, а не обратно“, рече Биндзеил.