Започна распределбата на картичките за „зелена нафта“, информираше на прес-конференција, Трајан Димковски од Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ.

Околу 50.000 земјоделски стопанства, вели Димковски, ќе добијат 250 милиони денари или околу четири милиони евра за субвенционирана нафта за земјоделска механизација.

Распределбата ќе се одвива во цел месец октомври со цел земјоделците навремено да ја добијат оваа мерка која значи помали трошоци.

„Со субвенционирата нафта ги олеснуваме условите за работа на домашните земјоделци и поттикнуваме зголемување на домашното земјоделско производство. Тоа е особено важно во време на светска криза, кога се јавува недостиг на храна и земјоделски производи“, рече Димковски.

Истовремено, како што додаде, исплатени се субвенции за 6.396 млекопроизводители во вкупна вредност од над 153 милиони денари. Ова е субвенција за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко за периодот март, април и мај 2021 година, а веќе започна подготовката на налозите за исплата за јуни и јули. Висината на директните плаќања изнесува 3,5 денари по литар произведено и предадено кравјо млеко и 4,5 денари по литар за произведено и предадено овчо и козјо млеко во преработувачки капацитети.