Владата по вчерашната седница соопшти дека одобрила владината финансиска поддршка за да се реализира инвестиција на германскиот производителот на автомобили на електричен погон „Е-Го“ во изградба на фабрика во Технолошко индустриско-развојната зона во Тетово. Во јавноста набргу се отворија многу прашања и резерви во врска со најавената инвестиција. Кај многумина се појави сомнеж дека толку амбициозен проект може да се реализира, па се направија споредби со други мегаломански најави од минатото. Па така, ако Груевски го имаше Субрата Рој, Заев „инвестициите“ на Фејсбук и Гугл, се постави прашањето дали „Е-го“ ќе стане сличен „заштитен знак“ на премиерот Димитар Ковачевски.

Порталот Аутомедиа.мк отиде најдалеку во црните прогнози и објави текст во кој се тврди дека „Во Тетово нема да се произведува никаков електричен автомобил, но ќе се извлечат пари од Буџетот!“. Авторот на текстот, тврди дека компанијата е несолвентна, еднаш била во стечај, а нејзините производи се неквалитетни и неуспешни на пазарот.
За сите отворени прашања во врска со најавената инвестиција на германскиот производител Next e. GO mobile SE во тетовската технолошко-индустриска зона, разговараме со првиот човек на Дирекцијата за ТИРЗ Јован Деспотовски.

За прв пат во Македонија најавена е фабрика која ќе произведува комплетни автомобили, не само делови за автомобилската индустрија. За колкава инвестиција станува збор и во што таа се состои?

– Инвестицијата е проценета на повеќе од 130 милиони евра, што се наменети за вложување во објект и инсталирање на нова технологија за производство на електрични возила.

Според деловниот план, инвестицијата во целост ќе се реализира до 2024 година, за кога е предвидено и пробно производство од овој капацитет. Почетокот на градежните работи е предвиден за 6-8 недели, а компанијата веќе има изготвено и основен проект.

Со колкава финансиска поддршка ќе учествува владата и на која основа? Во што се состои таа помош? (на пример, ослободување од давачки, за градежни дозволи, парцели, инфраструктурни приклучоци и слично.)

– Владата одобри рамковна поддршка што не надминува 35 отсто од вкупната инвестиција. „Рамковна“ подразбира дека е отворена можност за доделување на средства, но не и обврска. Доделувањето зависи од динамиката со која инвеститорот ќе ја реализира инвестицијата и, секако, од исполнување на условите предвидени со договорот. Меѓудругото, и отворање на предвидениот број од близу 900 нови работни места, како и бруто плати, што во просек достигнуваат 2,5 пати над просечната во државата. За оваа намена ќе се искористи околу 15 отсто од државната поддршка, додека остатокот е за делумно кофинансирање на капиталните трошоци на инвеститорот. Компанијата нема да користи даночни ослободувања, туку во целост има обврска истите да ги плаќа кон Буџетот и јавните фондови на државата. Овој модел на државна поддршка е усогласен со регулативата во ЕУ, а е подеднакво достапен за сите странски и домашни компании во С. Македонија.

Дали инвеститорот ќе гради нов објект, на колкава површина и колкав ќе биде неговиот капацитет на производство?

– Да, со инвестицискиот проект е предвидена изградба на објект од околу 60.000 м2, и предвиден капацитет од 30.000 возила годишно, наменети за европскиот и глобалните пазари. Почетокот на градбата е предвиден за 6-8 недели, а основниот проект е веќе изготвен од страна на инвеститорот.

Колку нови вработувања се очекува да бидат отворени со инвестицијата? Дали инвеститорот презема обврска за бројот на вработувања? Дали владата презема обврска за субвенционирање на дел од платите или придонесите за вработените?

– Со инвестицијата се предвидени вкупно 891 нови работни места, со јасна обврска во договорот за инвеститорот истите да ги реализира, со предвидена динамика во период од 5 години. Напоменувам дека исплатата на државната помош во делот на поддршка за креирање на работните места е условена со бројот на работни места што се отворени во годината за која се однесува барањето за исплата, но и нивото на бруто плати. Со други зборови, државата нема да исплати ниту денар од делот за поддршката наменет за работни места додека не видиме не само реални вработувања, туку соодветно ниво на бруто плати што се исплаќаат.

Инвеститорот нема да користи даночни ослободувања, ниту ослободувања во делот на придонесите. Истите во целост ќе се исплаќаат кон Буџетот и јавните фондови.

Дали се очекува соработка со локални фирми и дали постои таков потенцијал во македонското стопанство? Кои беа причините фабриката да се лоцира во Тетово?

– Тетово, како и целиот полошки регион е инфраструктурно добро поврзан со главниот град, а притоа заостанува во делот на економскиот развој. Наша политика во изминатите скоро 2 години е што е можно поголем број нови и квалитетни инвестиции да ги насочиме надвор од Скопје. Покрај Тетово, во следните неколку месеци ќе објавиме две нови инвестиции во Источниот регион, а активно работиме на отворање на првата зелена зона во регионот во Југоисточниот регион.

Дали владата има оценка за кредибилитетот и бонитетот на фирмата Next.e Go, и на што таа оценка се заснова? Дали имавте извештаи од релевантни агенции за деловното работење на фирмата?

– Со новиот концепт на работење на ТИРЗ сите потенцијални инвеститори поминуваат низ соодветна анализа за која имаме ангажирано реномирана меѓународна ревизорска куќа. Во првичниот извештај за Next e. GO нема нотирано никакви посериозни ризици поврзани со самиот инвеститор.

Дополнително, како што споменав, реализацијата на поддршката од државата ја базираме на конкрени услови што треба да ги исполни инвеститорот, а кои подлежат на потврда повторно од страна на меѓународни ревизорски куќи. Ова како модел од 2021 година веќе го применуваме во исплатите и кон постојните инвеститори и можам да кажам дека нуди навистина високо ниво на заштита на јавните средства.

Дали се точни оценки што се појавија во јавноста дека технологијата на која се заснова производствог на е. Го е застарена, автомобилот е неквалитетен и може да биде неконкурентен на пазарот? Дали владата има процена за комерцијалниот потенцијал на инвеститорот и на евентуалните ризици за Владата во случај на негово нерентабилно работење, со оглед на тоа што и владата ќе учествува со свој дел во инвестицијата?

– Го почитувам правото на секој поединец да има своја лична, стручна или политичка оценка за проект што го реализира државата. Лично, не би коментирал оценки и „оценки“ за нивото на технологија ниту кај оваа, ниту кај други инвестиции. Она што е дел од новиот концепт на работење на ТИРЗ е интересот на државата односно граѓаните. Во конкретниот случај, анализите покажуваат дека повратот на државната поддршка може да се очекува веќе во третата година од почетокот на производството, што е сосема солиден показател. И ќе настојуваме тоа да го оствариме.

Кон ова секако треба да имаме предвид дека електричните возила се нов глобален тренд и пазарите се во критична и доста динамична фаза на развој. Дополнително, зад овој проект стои сериозен тим на луѓе од техничкиот универзитет во Ахен, Германија, што се рангира во топ 2 отсто на глобалните листи на високообразовни институции.

Секако, стопроцентна гаранција за успех нема, ниту постои, но сметам дека овие елементи, во комбинација со заштитните механизми што ги развиваме како дел од новиот концепт на работење, ќе придонесат да имаме навистина успешен проект.

Дали владата планира субвенционирање на купувањето автомобили на електричен погон во иднина?

– Верувам дека овој проект може да придонесе во креирање и спроведување на вакви мерки, што веќе постојат во дел од европските земји, но и пошироко.

Во 2021 година истиот инвеститор најави изградба на фабрика во соседна Бугарија, но таа инвестиција не се реализираше? Дали имате информации зошто не се реализирал тој договор?

– На почетокот на разговорите, претставниците на компанијата беа отворени и информираа дека водат разговори и со други држави во поширокиот регион, вклучително и со Бугарија. Од наша страна, направивме сè да ја презентираме С. Македонија како најдобра опција од сите што се разгледуваат. Силно верувам дека имаме капацитет да бидеме поуспешни од соседите и во целост да ја реализираме оваа инвестиција.