Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Дејан Павлески вчера попладне ја посети компанијата „Костал” во Охрид каде оствари средба со директорот Виктор Мизо.

Посетата, како што соопштија денеска од Агенцијата за странски инвестиции, следува по состанокот што пред десет дена се одржал меѓу владиниот економски тим и Советот на странски инвеститори во насока на зголемените активности на Агенцијата за грижа на инвеститорите.

На средбата во „Костел” се разговарало за тековното работење и предизвиците со кои се соочуваат компаниите во периодот на ковид кризата, а била претставена и иницијативата на Агенцијата за креирање на системско решение за прашањата што ја засегаат работата на инвеститорите.

Павлевски нагласил дека грижата за инвеститорите е еден од приоритетите на Агенцијата затоа што кога тие имаат позитивно искуство од работењето во земјава, се решаваат да останат и да ги прошират бизнисот. Тоа би значelo нови вработувања и раздвижување на локалната економија.

Директорот на „Костал” ја поздравил иницијативата за креирање на системско решение за прашања кои ги засегаат инвеститорите и од ставањето на поголем акцент на „грижата за инвеститорите”. Во однос на плановите на „Костал” информирал дека компанијата продолжува со реализација на плановите и покрај глобалната здравствена и економска криза, при што најавил нови 250 работни места следната година, откако во 2020 беа вработени нови 330 луѓе. Дополнително, се планира воспоставување на нови, најсофистицирани линии за најсовремените производи на Костал на глобално ниво.

– Работиме за BMW, Mercedes, Volkswagen, Porsche, Audi, Tesla и Rolls Royce, а од наредната година ќе имаме и проекти за Jaguar и Land Rover, што значи дека над 80 проценти од нашите клиенти, се премиум производители на автомобили. Планот за 2021 е раст на приходите од околу 70 проценти и годишен извоз од над 100 милиони евра, истакнал Мизо на средбата со директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.