Вистинска бомба одекна вчера во финансискиот свет, откако директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми, во емисијата „24 анализа“, изјави дека под лупа на институцијата со која тој раководи се уште две до три банки, кои постапувале слично како Еуростандард банка.

Според Муареми, разликата е во тоа што овие банки го искористиле заложното право, односно кредитите од самата банка – за купување акции за сопствени потреби на сопствениците на тие банки.

Муареми во вчерашната емисија, во врска со случајот Еуростандард банка рече дека постапуваат по наредба на Јавното обвинителство. Кога почнале да истражуваат, како што нагласи, во самата банка и добиените банкарски сметки на одредени фирми, со дадени ризични кредити, утврдиле голема мрежа, односно дека не се 140 фирми, туку повеќе.