Клучните иницијативи и предлози на странските компании со цел олеснување на работењето во специфични области како даночна и царинска политика, работни односи, образовен систем, работна сила, државна помош и друго, беа презентирани од Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Стопанската комора на Северна Македонија на денешната редовна работна средба со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и другите членови на економскиот тим на Владата.

Од Стопанската комора на Северна Македонија во соопштение наведоа дека повеќето од барањата се и претходно дискутирани, но за дел од нив без конкретни резултати.

Тема на денешната дискусија, прецизираат од Kомората, биле барањата поврзани со реализацијата на конкретните инфраструктурни објекти, за олеснување на ангажирањето работна сила од странство, со особен акцент на експерти од профили кои недостигаат во земјава, за дефинирање јасни и унифицирани правила и усогласен пристап на институциите за оправдани инвестициски трошоци за државна помош, превод и примена на меѓународните сметководствени стандарди за финансиско известување, за усогласување на висината на грантовите за отворање нови работни места со растот на минималната плата, иницијатива за враќање на третманот на признаен расход за даночни цели на трошоците по основ на премии за приватно здравствено осигурување уплатени од страна на работодавецот, а во име и сметка на работникот и друго.

-Од Владата беа согласни дека и во иднина треба да останат отворени за дијалог и важно е двете страни да ги почитуваат договорените обврски, но и да се испорачаат конкретни резултати низ активности кои се во интерес на економскиот развој на државата и подигнување на животниот стандард на граѓаните, информира Стопанската комора.

Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство ги застапува интересите на извозните компании со технолошко напредно производство со доминантно учество на странски капитал од технолошко-индустриските развојни зони и од индустриските зони од целата држава, кои вработуваат повеќе од 35.000 лица, со реализиран извоз од државата близу 60 проценти во 2022 година и со реализирани инвестиции околу милијарда евра досега. Тие, укажува Комората, значајно влијаат на економски раст на земјата преку креирање нови и добро платени работни места, пораст на продуктивноста на работната сила, пристап до нови технологии и знаења, развој и усвојување на современи менаџерски вештини и на општата благосостојба во општеството.

Претходно, од Владата преку соопштение посочија дека се дискутирало за разни предлози и решенија кои би влијаеле  за подобрување на условите за водење бизнис во државата.

„На средбата беа разгледани клучните иницијативи и предлози во врска со прашањата за енергетика и инфраструктура, во делот на олеснување на процедурите за поставување на фотоволтаици во големите производствени компании. Другите теми на состанокот беа царина, даноци, државна помош, пазар на труд и грижа на инвеститори“, соопштија од Владата.

Од таму додаваат дека дел од барањата на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство се однесуваа на усогласување на царинските стапки до ниво на ЕУ, за дополнителни тарифни ознаки за суровини и репроматеријали, продолжување на примената на Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, превод на меѓународни стандарди за финансиско известување, и ред други теми кои би ги подобриле условите за водење бизнис во државата.

„Секогаш со внимание ги слушам забелешките на инвеститорите, и сум отворен за забелешки за тоа како да ги подобриме условите за работењето на компаниите. Нашите напори одат во правец на поддржување на економијата од обновливи извори на енергија, што е многу значајно за нас како Влада“, вели во соопштението вицепремиерот Фатмир Битиќи.

Од Владаат посочуваат и дека присутните претставници од Асоцијацијата на странски компании го изразиле нивното задоволство од соработката со државните институции, која соработка е во интерес на економијата и граѓаните на Северна Македонија во целина.