Сите земјоделци кои сакаат да добијат субвенции од денеска до крајот на мај ќе може по електронски пат со помош на компјутер да аплицираат за добивање на државата помош за годинава. Земјоделците кои не знаат сами да ги пополнат барањата, ќе може да побараат помош од Подрачните единици на министерството за земјоделство. Сите кои ќе бараат државна помош за растително производство барањата треба да ги поднесат врз основа на евидентирани податоци на парцели во Единствениот регистар, додека сточарите заедно со барањето треба да достават и ажурирани податоци за состојбата на стадото за кое аплицираат. Директорот на Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството Николче Бабовски вели дека за да се избегнат малверзации, со сателитски снимки се проверува дали на нивата е посеана културата која е пријавена за субвенции. Лани, инспекторите утврдиле неправилности само кај мал дел на земјоделци, а има и такви кои немале комплетна документација или имале проблеми заради што не добиле субвенции.

„Минимален е бројот на оние кои поднеле барање, одобрено им е барањето, но се уште немаат потпишано согласност за пребивање кон одредени институции, како закуп на земјиште, или долг кон АД Водостопанство или АД Пасишта, и доколку лицето починало и се чека наследниците да ја завршат оставинската постапка за да поднесат трансакциона сметка“, изјави Николче Бабовски – Директор на Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството

За оваа година на располагање има околу 100 милиони евра државна помош за поттикнување и развој на земјоделството. Бабовски вели дека минатата година исплатени се 78 милиони евра или 97 отсто од вкупните барања за исплата на субвенции, како и за заостанатите неисплатени субвенции за претходните години.