Финансиските резултати на Дојче Телеком ги надминаа очекувањата на аналитичарите, откако компанијата објави дека има нето приходи од 80,5 милијарди евра во 2019 година, што претставува зголемување од 6,4% во однос на претходната година.

Во исто време, годишната нето добивка се зголеми за скоро 80% на 3,9 милијарди евра.

Телекомскиот гигант, исто така, рече дека ќе се фокусира на изградба на побрза мрежа со оптички влакна за клиентите во Германија во наредниот период, додавајќи дека бизнисот на домашниот континент продолжил да забрзува.

Подружницата на Соединетите Држави регистрираше 86 милиони клиенти за производи и услуги на Дојче Телеком на крајот на годината, што значи дека во 2019 година е петта година по ред, кога компанијата има стекнато повеќе од пет милиони нови клиенти.

Заработката на компанијата пред камата, даноци и амортизација (EBITDA) достигна 24,7 милијарди евра, а Дојче Телеком проценува дека овој важен финансиски индикатор дополнително ќе се зголеми за 800 милиони евра во тековната година.

Покрај тоа, Дојче Телеком им соопшти на своите акционери дека очекуваат раст во сите деловни сегменти во 2020 година, пренесува Нова економија.

„Ова е историски ден за Дојче Телеком. Со овие рекордни резултати, ја потврдивме нашата јасна прва позиција во нашата индустрија во Европа “, рече Тим Хетгес, извршен директор на германската телекомуникациска компанија.