Грчкиот министер за енергетика порачува дека ако се намали потрошувачката, од тоа први ќе страдаат домаќинствата и компаниите, бидејќи 70% од природниот гас што се увезува во земјата е за производство на струја.

Слична порака Европската комисија доби и од шпанската министерка за еколошка транзиција, Тереза Рибера, која порачува:

„Што и да се случи, шпанските семејства во своите домови нема да трпат рестрикции за гас или струја, а шпанската влада ќе се бори да ја брани позицијата на шпанската индустрија, која плати специјална цена за да гарантира сигурност на испораката.“

Рибера нагласува дека шпанската потрошувачка на гас, кој главно го набавува од САД и Африка, за разлика од некои други, е во разумни граници и дека „сакаме да помогнеме, ама исто така сакаме да нè почитувате.“

Стандардно несогласување со одлуката има и од Унгарија, каде Орбан порачува дека од нив се бара непропорционална жртва „посебно кога не сме прашани за мислење“.

Предлогот од Европската комисија, кој ќе треба да биде прифатен од сите земји членки, предвидува кратење на потрошувачката на гас за 15% на ниво на Унијата и давање на овластување на Комисијата да ги присили членките да следат строг план за намалување на потрошувачката на енергија почнувајќи од летово.

Надежта на Унијата е дека со ваквото порамнување, државите кои имаат поголем дефицит на гас (пример Германија и Франција), ќе можат недостатокот да го надополнат со залихите од државите со помал дефицит на гас (пример Шпанија и Грција). Ситуацијата многу потсетува на времето од должничката криза од пред една деценија, кога југот на Европа бараше опуштање и споделување на мерките на штедење, а северот инсистираше секој да си одговара за својот долг.