Да им се заблагодарам на трговците со пелети за новата инвертер-клима што ја купив со парите што не им ги дадов ним и ја поминав зимата – е еден од многубројните коментари на нашите сограѓани, кои на почетокот на грејната сезона се шокираа од цените, поради што се откажа и од направените инвестиции во системите за загревање на пелети.

Продавачите на пелети ги спуштија цените. Сега вреќа од 15 килограми може да се најде за 240 денари, како и за 260, односно за 270 денари со достава, во зависност од квалитетот. На почетокот на оваа грејна сезона, продавачите „зајдоа“ и излегоа со цена и над 400 денари за вреќа. Граѓаните што обично се одлучуваа со пелети да затоплуваат поголеми станови, или куќи, револтирано велат дека годинава за 100 квадратни метри месечно требале да издвојат по 30.000 денари. Затоа голем дел од нив се откажаа од греењето со пелети.

На почетокот на оваа грејна сезона, маката ги натера загрижените граѓани да прават фејсбук-групи за да се информираат дали има некаде поевтини палети и што да прават откако сфатија дека е надвор од секаква нивна пресметка да се греат со пелети. Администраторот на една од групите „Пелети – група за дискусија за греење на пелети“  вчера саркастично им се заблагодари на продавачите за скапите пелети затоа што тоа го натерало да си купи инвертер-клима и да заштеди.

„Да им се заблагодарам на трговците со пелети за новата инвертер-клима што ја купив со парите, кој не им ги дадов ним и ја поминав зимата“, напиша тој во групата поткрепувајќи го кажаното со домашната пресметка според која за сите четири месеци заедно – за ноември, декември, јануари и за февруари –  поради греењето со инверторот платил само 9.000 денари повеќе од износот што го плаќал за вообичаената потрошувачка без клима-уредот.

Граѓаните се револтирани и прашуваат како е можно истите пелети што зимава ги пуштија по 400 и по 500 денари, сега нагло да се симнат на 260 денари и им порачуваат на трговците и на производителите и дека сегашната цена е висока и дека „може слободно да им седат во складовите затоа што тие се одлучиле за нов вид греење“.

„Оваа сезона наместо 3,5 тони пелети, купив 6 кубни метри дрва… и фала му на дедо Боже за температурите. Уште 2 кубни метри ми останаа“, напиша еден член на фејсбук-групата.

На еден од сегашните огласи за пелети пишува и цена за тон. Според огласот, вреќа од 15 килограми чини 240 денари за 15 килограми, односно 260 евра за тон. По оваа цена, оние што набавуваат по 3,5 тони за сезона, треба да дадат 910 евра. А по цените што беа повисоки и за 80 проценти, износот би бил околу 1.600 евра.

Владата по бурните реакции на корисниците на пелети, на 11 август минатата година донесе одлука според која се замрзнува маржата на трговците со пелети и со огревни дрва во висина од 10 проценти. Тогаш, според изјава од Министерството за економија, инспекцискиот надзор покажал дека трговците со пелети ставале маржи и од 65 проценти. Но, на почетокот на ноември, поради тоа што и со оваа мерка цените останаа високи, Владата донесе одлука според која највисоката цена на пелетите за огрев е до 27 денари за килограм, во која се вклучени и ДДВ и транспорт. Ова значи дека до крајот на декември минатата година, највисоката цена по која можеа да се продаваат пелетите беше 405 денари за 15 килограми вреќа, што е значително повисока цена од сегашната. Според познавачите на состојбите, ова се должи на зголемената понуда во однос на побарувачката на пелети што значително се намали со преориентирањето на дел од корисниците кон други видови греење, но и поради намалената цена на струјата, која има значаен удел во производството на пелети.

Инаку, оваа сезона и цената на дрвата покажа огромен скок, но сепак, според реакциите на граѓаните и таа беше поповолна отколку греењето со пелети.  Последните два месеци од минатата година цените на огревното дрво од даб и бука беа замрзнати на 4.500 денари за метар просторен, односно до 6.429 денари за метар кубен.

Граѓаните сè уште на социјалните мрежи масовно ги продаваат печките на пелети. Во минатите години, Владата го субвенционираше купувањето на печките на пелети, како еколошко гориво. Но, многу граѓани инвестираа и значајни пари во печки или во централни системи за греење со пелети.