Вториот пензиски столб е стабилен и има важна улога во долгорочната одржливост на пензискиот систем, иако префрлањето на придонесите кон приватните пензиски фондови подолг период се соочува со доцнења. Ова го истакнува Маријан Николовски, претседател на Асоцијацијата на друштвата за управување со пензиските фондови, во интервју за „Трилинг“.
Тој објаснува дека вториот столб бил воведен со пензиската реформа во 2005 година, кога било утврдено дека системот во кој пензиите на сегашните пензионери се исплаќаат од придонесите на тековно вработените долгорочно е неодржлив.
Вториот столб, според него, функционира како резервен фонд во кој средствата од придонесите не се користат за исплата на сегашните пензии, туку се инвестираат за да обезбедат дополнителен извор на приходи за идните пензионери.
„Дел ќе земаат од државниот фонд, дел од личната сметка во вториот столб“, посочува Николовски.
Тој признава дека пренасочувањето на дел од придонесите кон вториот столб создава транзициски дефицит во државниот пензиски фонд, но нагласува дека тој е очекуван и планиран дел од реформата. Кога поголем број осигуреници ќе почнат да остваруваат пензија од двата столба, обврската за исплата ќе се распределува меѓу нив, со што на долг рок треба да се постигне поголема рамнотежа во системот.
Промените во законите отвораат прашања за уплатата на придонесите
Осврнувајќи се на најавените законски измени, Николовски објаснува дека сегашното законско решение предвидува вкупниот придонес за пензиско и инвалидско осигурување прво да се уплаќа на сметката на ПИОМ, кој потоа треба да ги префрли 6-те проценти што му припаѓаат на вториот столб, најдоцна во рок од пет работни дена.
Со предложените измени, оваа одредба се брише од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, а процентот од 6 проценти треба да биде префрлен во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.
Николовски смета дека законските измени треба да се усогласат и да се донесат паралелно, за да не се создава несигурност околу функционирањето на вториот столб.
Како позитивна промена ги посочува и најавените измени со кои распределбата на придонесите меѓу првиот и вториот столб би се префрлила во надлежност на Управата за јавни приходи. Така, распределбата би се вршела веднаш при исплатата на платата од работодавачот, наместо средствата прво да одат на сметката на ПИОМ.
Поголемите придонеси не се единственото решение
Во однос на можноста за зголемување на стапката на пензиските придонеси, Николовски потсетува дека во 2005 година таа изнесувала 21,2 проценти, по што постепено била намалена на 18 проценти, за денес да изнесува 18,8 проценти.
Според него, зголемувањето на придонесите би донело дополнителни приходи, пред сè за државниот пензиски фонд, но пред тоа треба да се анализира дали може да се прошири основицата од која се плаќаат придонесите.
Тој посочува дека треба да се испита колку вработени се пријавени на пониски плати од реалните, но и дали преку намалување на сивата економија може да се вклучат повеќе лица во формалниот пазар на труд.
На тој начин, смета Николовски, би се зголемиле приходите во државниот пензиски фонд, без решението за проблемите во пензискиот систем да се сведе единствено на зголемување на придонесите.
Извор: Фактор.мк