По бројните реакции, предмалку во министерството информираа дека од денеска, 10 јуни започнала исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец мај 2026 година.
Повеќе денови доцни исплатата на парите од правата на социјална и детска заштита во центрите за социјална работа. Граѓаните на кои најмногу им се потребни овие средства се револтирани поради доцнењето, а револтот го искажуваат во различни групи на социјалните мрежи. Од Министерството за социјална политика, демографија и млади (МСПДМ) информираа дека доцнењето се случува поради имплементација на ново софтверско решение, а пред малку информираа дека исплатата денеска започнала.
„Секогаш исплатата на социјалната помош била на 5 јуни, никогаш не доцнела. Не е во ред на најсиромашниот народ да му прават вака“, вели револтиран граѓанин во коментар на Фејсбук.
Реакции имаше пред неколку дена и од Коалицијата „Менуваме“ – Агенда 203о, од каде што велат дека „и покрај налозите за плаќање доставени од Центрите за социјална работа на 03 јуни 2026 година, Министерството за социјална политика, демографија и млади, сè уште не ги исплатило надоместоците за детска и социјална заштита.
„Разбираме дека овие доцнења предизвикуваат сериозни тешкотии за семејствата што се потпираат на овие витални исплати и ја споделуваме вашата фрустрација. Континуираното одложување на плаќањата покренува сериозни прашања за административната одговорност и транспарентност. Ги повикуваме сите засегнати граѓани одговорно да го кренат својот глас на социјалните медиуми и други јавни платформи, залагајќи се за навремена акција и фер третман. Како одговор, Коалицијата „Менуваме“ ќе преземе правни мерки следната недела, вклучително и поднесување кривични пријави согласно член 353 од Законот за кривична постапка, за да се осигури дека законот се почитува и дека корисниците ја добиваат поддршката на која имаат право“, пишува во објавата на Коалицијата.
Во МСПДМ, исто така пред неколку дена информираа дека поради значајна реформа во системот на социјална заштита, исплатата на правата ќе се реализира со неколкудневно задоцнување.
„Во тек е имплементација на ново софтверско решение со кое се врши модернизација и унапредување на процесите за обработка и исплата на правата од социјална и детска заштита во центрите за социјална работа. Станува збор за значајна реформа чија цел е зголемување на ефикасноста, сигурноста и квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните. Во процесот на техничко усогласување и миграција на податоците се појавија одредени непредвидени предизвици, кои предизвикаа пролонгирање на обработката на податоците и, следствено, доцнење на исплатата на паричните права од социјална и детска заштита за неколку дена. Сакаме да ги увериме сите корисници дека нивните права се целосно обезбедени и дека исплатата ќе биде реализирана веднаш по завршувањето на неопходните технички усогласувања. Надлежните служби работат интензивно на надминување на состојбата и на целосно ставање во функција на новиот систем“, пишува во нивната објава.
По бројните реакции, предмалку во министерството информираа дека од денеска, 10 јуни започнала исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец мај 2026 година.
„Kорисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство. Исто така, и корисниците кои не користат картички од денеска ќе можат да ги подигнат своите средства во сите отворени филијали и експозитури на банките“, инфомрираат во МСПДМ.