Официјално, групата на граѓани кои се соочуваат со енергетската сиромаштија ја сочинуваат над 44.000 домаќинства и тие примаат додаток од 1.000 денари. Иако подолго време се работи на тоа оваа група да се прошири со нови корисници, такво нешто не се предвидува за оваа година.

– Формирана е работна група за проширување на опсегот на ранливите потрошувачи на енергија и се разгледува можноста да се вклучат дополнително нови мерки за поддршка на потрошувачите, конкретно за електрична енергија. Новитетите би биле вклучени во Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија во наредната година – велат од Министерството за економија.

Од Министерството за труд и социјална политика објаснуваат дека додатокот за енергетска сиромаштија го примаат две категории на население.

Првата е онаа група на граѓани кои примаат гарантирана минимална помош. Такви граѓани, односно домаќинства има 35.281. Овие граѓани сега не земаат субвенции за загревање само во периодот од октомври до март, како што беше претходно, туку со направените законски измени во 2020 година, поради пандемијата, енергетскиот додаток им следува во текот на целата година.

Во втората група влегуваат 9.446 корисници на таканаречената социјална пензија од 6.000 денари.

– За овие корисници изност на правото се зголемува за 1.000 денари  месечно во текот на шесте  зимски месеци за покривање на трошоците за греење – за месеците од октомври до март- објаснија од Министерството.