nafteno poleЦените на нафтата повторно остро паднаа откако Иран и шестте светски сили постигнаа договор за иранската нуклеарна програма, што ќе овозможи ублажување на санкциите кон Техеран и постепено зголемување на извозот на нафта на Иран.

На лондонскиот пазар цената на нафтата падна за 1,15 $ во однос на претходното затворање на 56,70 $. На американскиот пазар се тргуваше за 1,05 $ пониска цена, од 51,15 $.

Иран и западните сили постигнаа рамковна спогодба за спорната иранска нуклеарна програма, која вклучува ограничувања на самата програма, а за возврат укинување на санкциите од САД, Европската унија и Обединетите нации.

Поради санкциите извозот нафта на Иран е речиси преполовен, на нешто повеќе од еден милион барели дневно. Деталите од договорот во врска со олеснувањето на санкциите во областа на трговијата со нафта засега не се познати.

Аналитичарите проценуваат дека по ублажувањето на санкциите на Техеран ќе му требаат неколку месеци целосно да ги обнови извозни капацитети.

“И покрај историскиот договор иранската нафта нема веднаш да се врати на пазарот, не пред почетокот на следната година, најверојатно во втората половина од 2016 година”, оценува Amrita Sen од лондонската консултантска фирма Energy Aspects.

“Санкциите го осакатиа производство на Иран, преполувајќи го извозот на нафта и значително ограничувајќи ги новите развојни проекти”, потврдува адвокатот специјализиран за санкции Sarosh Zaiwalla.

Некои аналитичари предупредуваат дека поради вишокот на понудата во однос на побарувачката од 2,5 милиони барели на ден, дури и скромен пораст на иранскиот извоз во првата фаза ќе биде доволен за натамошно намалување на цените на нафтата.