ОСМАНИ ГО ДЕМАНТИРА МИЦКОСКИ ЗА АЛТА БАНКА:

Поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи ги отфрли обвинувањата на премиерот Христијан Мицкоски дека претходната влада на СДСМ и ДУИ има одговорност за случајот со Алта банка. Османи тврди дека документот од 2023 година, кој Мицкоски го презентираше во Собранието, нема никаква поврзаност со одлуката на актуелната Влада за преземање акции во Стопанска банка Битола.

Според Османи, станува збор за две сосема различни постапки. Документот од 24 октомври 2023 година се однесувал на заштита на сопственичките и правните интереси на државата во врска со акциите во Алта банка во Белград, стекнати преку сукцесијата на поранешна Југославија. Наспроти тоа, владината одлука од 23 септември 2025 година се однесувала на конкретна понуда на Алта банка за купување акции од 16 јавни институции во Стопанска банка Битола.

Османи оценува дека поврзувањето на двата документа претставува политичка манипулација со цел да се релативизира одговорноста на актуелната власт.

– Во политиката може да се манипулира со толкувањето на документите, но нивната содржина не може да се менува – порача Османи.