dollar1Вредноста на доларот во вторникот на меѓународните пазари падна на најниско ниво по речиси осум месеци во однос на кошницата валути откако инвеститорите ја зголемија продажбата на долари, оценувајќи дека ФЕД веројатно нема да ги зголеми каматните стапки.

Долар индексот падна за 0,2 проценти на 93,673 поени, што е најниско ниво од август 2015 година. Тоа обезбеди поддршка на еврото, кое во такви околности зајакна за 0,4 проценти на 1,1460 $, на највисоко ниво во последните шест месеци.

Јапонската валута, засолниште за капитал во нестабилни времиња, во почетокот на трговијата во еден момент се лизна од највисокото ниво во година и пол во однос на доларот, бидејќи инвеститорите како резултат на новиот пораст на цените на нафтата станаа нешто повеќе склони кон купување на поризични средства.

Јенот доживеа силен залет од почетокот на годината, па властите во последно време често предупредуваат на можноста за интервенција за намалување на неговиот раст. Најновото предупредување дојде во понеделникот од јапонската влада во кое се истакнува дека движењето на девизниот курс на јенот е еднострано и шпекулативно и дека владата е подготвена да интервенира за да го ослабне.

Но, со оглед дека цената на нафтата се одржува над 40 $ за барел и зајакнување на склоноста за преземање ризици, на јенот не му е потребна интервенција за зауздување на неговиот раст. Јенот во еден момент падна за 0,25 проценти во однос на доларот, на 108,20 јени.